Amina Zorniç
24 Февруари 2016•Ажурирај: 25 Февруари 2016
КАНБЕРА (АА) - Додека светското внимание е насочено кон масовниот прилив на бегалци од Блискиот Исток и северниот дел на Африка во Европа, десетици илјади бегалци во другите делови на светот се соочени со други проблеми и страдања, покажуваат податоците на организацијата Amnesty International (AI), јавува Anadolu Agency (AA).
На листата на најнови земји кои на бегалците не им дозволуваат влез на своја територија се најде Австралија. Како што наведува АИ, а пренесува британскиот весник "The Guradian", австралиската влада ги враќа на отворено море бродовите со бегалци кои пристигнуваат кон нејзиниот брег.
Исто како и во водите на Средоземното и Егејското Море, и во водите на Бенгалскиот Залив бегалците ги губат своите животи.
„Со луѓе се тргува и луѓе се криумчарат и во Заливот каде што бегалците и се злоставуваат. Некои се убивани на бродовите, се дават во водите или умираат од дехидратација или глад”, наведува Amnesty International (AI).
Податоците на АИ покажуваат дека во мај минатата година дури 8.000 бегалци се оставени „на цедило” на бродовите на отворено море бидејќи јужноазиските земји како Тајланд, Малезија и Индонезија не им даваат влез на нивна територија.
АИ наведува дека бродовите преполни со бегалци ќе станат „пловечки ковчези” доколку „некои” земји продолжат со истата практика.
"The Guardian" пренесува дека во извештајот АИ наведува дека меѓу 30-те земји кои не дозволуваат влез на бегалците се Австралија, Холандија, Русија и Саудиска Арабија.
Кога станува збор за Австралија, жителите на оваа земја последните месеци протестираа, барајќи од владата да ги прими бегалците.