Tayfun Salcı
23 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
ЛОНДОН (АА) - Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Џереми Хант, изјави дека е крајно загрижен од денешната изјава на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, дека убиството на Џамал Кашоги е планирано однапред, јавува Anadolu Agency (AA).
„Крајно сум загрижен со тоа што го слушнав во изјавата на претседателот Ердоган дека убиството на Кашоги е планирано однапред. Светот сѐ уште чека одговори“, напиша Хант на Твитер.
Хант вчера во британскиот Парламент изјави дека Кашоги го убиле агентите на државата со која Велика Британија блиску соработува и за неприфатливи ги оцени тврдењата на саудиските власти дека до убиството дошло за време на расправија во Конзулатот.
Тој најави дека Велика Британија конечниот став и реакција ќе ги одреди со кредибилноста на изјавите на официјален Ријад.
Тоа беше една од првите реакции на денешниот говор на турскиот претседател Ердоган, кој пред пратениците на владејачката АК Партија во Парламентот зборуваше за деталите на убиството на новинарот Џамал Кашоги во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турскиот претседател истакна дека сите докази покажуваат дека Кашоги бил жртва на брутално убиство. Тој додаде дека екипите од саудискиот Конзулат претходно извршиле истражувања на неколку локалитети, кои укажуваат на подготовка за убиство.
Ердоган истакна дека убиството се случило во зградата на Конзулатот, но дека не смее да се заборави дека тоа е во границите на Република Турција. Тој изјави дека на уапсените осомничени би требало да им се суди во Истанбул.
Истакнувајќи дека за Турција и за остатокот од меѓународната заедница е неприфатливо таквото убиство да се припише на неколкумина разузнавачи, Ердоган изјави дека истражните турски органи се истрајни во трагањето по вистината и правдата.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
Турција и Саудиска Арабија формираа заедничка работна група која го истражува овој случај. Спроведена е истрага во саудискиот Конзулат и во Резиденцијата на генералниот конзул на оваа земја во Истанбул.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија скоро соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во Конзулатот.
Истрагата за убиството и понатаму е во тек, а главна задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.