Aliia Raimbekova
14 Октомври 2020•Ажурирај: 15 Октомври 2020
НУР СУЛТАН (АА) - Вселенското летало „Сојуз МС-17“ од космодромот „Бајконур“ во Казахстан е лансирано кон Меѓународната вселенска станица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лансирањето беше емитувано во живо преку интернет-страницата на Федералната вселенска агенција на Русија (ROSCOSMOS).
Капсулата „МС-17“, во која се наоѓаат руските космонаути Сергеј Рижиков и Сергеј Куд-Сверчков, како и астронаутката од НАСА, Кејт Рубинс, девет минути по лансирањето од космодромот „Бајконур“ успешно стигна во орбитата на Земјата.
Екипата со себе носи предмети од 173 килограми потребни за Меѓународната вселенска станица.
Според соопштението на Федералната вселенска агенција на Русија (ROSCOSMOS), оваа екипа околу 6 месеци ќе престојува во Меѓународната вселенска станица.
Од април досега во Меѓународната вселенска станица работат космонаутите Анатолиј Иванишин и Иван Вагнер, и астронаутот од НАСА, Кристофер Касиди.
Во Меѓународната вселенска станица, каде што се вршат заеднички работи од страна на НАСА, РОСКОСМОС, Европската вселенска агенција (ESA), Канадската вселенска агенција (CSA) и Јапонската агенција за вселенски истражувања (JAXA), се вршат вселенски истражувања и основни научни експерименти.