Ahmad Adil
24 Август 2023•Ажурирај: 25 Август 2023
АНКАРА (АА) - Роверот на индиската мисија на Месечината, Чандрајан-3, излезе од лендерот и го започна своето прво патување по лунарниот прав, пренесува Анадолу.
Индија вчера влезе во историјата откако нејзината мисија слета на Месечината, станувајќи прва земја чија мисија слетала на јужниот лунарен пол.
„Роверот Ch-3 се спушти од лендерот и Индија се прошета на Месечината“, објави Индиската агенција за вселенски истражувања на платформата X, порано позната како Твитер.
Агенцијата соопшти дека наскоро ќе објави повеќе информации во врска со мисијата.
Набрзо по успешното слетување, Агенцијата објави дека е воспоставена комуникациска врска со лендерот.
Исто така, објави фотографии направени од камерата на леталото за време на спуштањето и по слетувањето. Агенцијата соопшти дека Чандрајан-3 „избра релативно рамен регион на површината на Месечината“.
Со слетувањето, Индија се приклучи на листата на неколку земји - САД, Русија и Кина - кои успешно спуштија вселенски летала на Месечината.
Индија вчера доби голем „аплауз“ од светот за нејзината успешна мисија. Индискиот премиер Наренда Моди го нарече слетувањето „историски ден за индискиот вселенски сектор“.
Чандрајан-3 полета од вселенскиот центар Сатиш Даван во Шрихарикота во јужната индиска држава Андра Прадеш во јули. Трите главни цели на мисијата беа да постигне безбедно и меко слетување на површината на Месечината, да го распореди својот ровер Прагјан и да спроведе научни експерименти на теренот. Се очекува Чандрајан-3 да работи 14 дена на Месечината.
Успешното слетување се случи само неколку дена по неуспехот на „Луна-25“, првата руска мисија на Месечината по 47 години откако не проработеа моторите.
Индиската мисија Чандрајан-2 во 2019 година не успеа, нејзиниот лендер „Викрам“ се урна на површината на Месечината. Првата мисија Чандрајан беше лансирана во 2008 година.