Muhammed Enes Çallı
04 Март 2025•Ажурирај: 04 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Повеќе од половина од сите возрасни и една третина од децата, тинејџерите и младите низ светот ќе бидат со прекумерна тежина или дебелина до 2050 година, според најновото истражување, јавува Анадолу.
Прогнозата доаѓа од глобалното истражување објавено вчера во медицинското списание „The Lancet“ кое анализирало податоци од повеќе од 200 земји.
Истражувачите предупредуваат дека стапките на дебелина драстично ќе се зголемат во текот на оваа деценија, особено во земјите со пониски приходи.
Од 2021 година речиси половина од возрасната популација во светот – околу една милијарда мажи и 1,11 милијарди жени на возраст од 25 и повеќе години – биле со прекумерна тежина или дебелина.
Доколку сегашните трендови продолжат, се предвидува дека до 2050 година глобалната стапка на возрасни со прекумерна тежина и дебелина ќе достигне 57,4 отсто кај мажите и 60,3 отсто кај жените, се наведува во истражувањето.
Според истражувањето, Кина, Индија и САД ќе имаат најголем број лица со прекумерна тежина или дебелина до 2050 година.