Riyaz Khaliq Khaliq
28 Март 2023•Ажурирај: 29 Март 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Кинескиот лендер „Чанг’е-5“ успешно донесе на Земјата вода заробена во ситни зрнца од стакло расфрлани низ Месечината, потврдија научниците во нова студија, пренесува Анадолу.
Според списанието „Нејчр Џиосајанс“ (Nature Geoscience), научниците пронашле вода во стаклени зрнца што биле „земени од примерок од лунарната почва, изваден од роботската рака на лендерот (Chang’e-5)“.
„Чанг’е-5“ беше петта кинеска мисија за истражување на Месечината.
„Вкупно 117 сферични стаклени зрна беа идентификувани со користење на електронска микроскопија, микроанализатор со електронска сонда и Раман спектроскопија“, се вели во студијата објавена вчера.
Научниците со децении го проучуваат присуството на вода на Месечината.
„Денес постои мало сомнение дека поголем дел од површината на Месечината содржи вода во една или друга форма. Сепак, потеклото на оваа лунарна површинска вода и нејзината распространетост во просторот и еволуцијата на реголитот остануваат во голема мера непознати, и покрај клучните импликации за идното истражување на површината на Месечината и за подобро разбирање на (пот)површинскиот резервоар за вода и за телата без колизиска атмосфера во Сончевиот Систем“, се објаснува во студијата.
Кина го лансира „Чанг’е-5“ на Месечината во декември 2020 година, што Пекинг го опиша како „голем чекор кон добивање најмлади примероци од Месечината собрани досега и нивно носење на Земјата“.
Лендерот имаше задача да собере примероци и да ги донесе на Земјата кон средината на декември.