Seyit Aydoğan
22 Октомври 2021•Ажурирај: 23 Октомври 2021
ТОРОНТО (АА) - Научна студија објавена во списанието „Нејчр“ (Nature) откри дека Викинзите се населиле во Северна Америка во 1021 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според истражувањето на група научници од Канада, Холандија и Германија, Викинзите пристигнале во канадската покраина Њуфаундленд стотици години пред Кристофер Колумбо да ја открие Америка.
Анализирајќи три различни парчиња дрво исечени од Викинзите во регионот Л’Анс-о-Медоус во Њуфаундленд, научниците ја одредија годината на доаѓањето на Викинзите на континентот.
До денеска не беше познат точниот датум кога Викинзите пристигнале во областа која е одамна позната и призната од УНЕСКО.
Истражувачите користеле радиокарбонско датирање на дрвото за да го утврдат доаѓањето на Викинзите.
Научниците, истакнувајќи дека Викинзите во Њуфаундленд пристигнале во 1021 година, подвлекоа дека сите дрвени парчиња биле исечени со метални алатки, со нивните „карактеристично чисти и резови со низок агол“.
Меѓу другото, истражувачите истакнаа дека алатките што ги користеле Викинзите за сечење дрвја не биле достапни за домородните заедници во регионот во тоа време.
Според записите на УНЕСКО, структурите во Л’Анс-о-Медоус се изградени од Викинзите во ист стил како оние што се наоѓаат во Гренланд и Исланд.
Други артефакти пронајдени на местото, исто така, покажуваат дека Викинзите произведувале производи од железо и дрво.