Islam Uddin
21 Октомври 2021•Ажурирај: 22 Октомври 2021
АНКАРА
Јужна Кореја денеска го изврши првото лансирање на домашната носечка ракета во вселената од подрачјето на јужната крајбрежна област на земјата, објавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Вселенската носечка ракета КСЛВ-II, исто така позната како „Нури“, е лансирана од Вселенскиот центар „Наро“ во 17:00 часот по локално време“, објави новинската агенција „Јонхап“, цитирајќи го Министерството за наука и ИКТ.
„Двесте-тонската носечка ракета „Нури“ е дизајнирана да исфрли сателит од 1,5 тони во орбитата“, се вели во извештајот.
КСЛВ-II е првата носечка ракета дизајнирана и произведена во Јужна Кореја.
„Нацијата треба да се гордее со независното развивање на најсовремена технологија што не може да се пренесе во други земји и лансирањето сопствени сателити и вселенски ракети од нашата земја“, се вели во соопштението на јужнокорејското претседателство.
Лансирањето од Јужна Кореја се случи само два дена откако Северна Кореја го тестира најновиот балистички проектил лансиран од подморница (SLBM). Пјонгјанг во средата потврди дека го лансирал СЛБМ претходниот ден, прв подводен тест во земјата од 2019 година.
Осмиот ракетен тест на Северна Кореја оваа година и петтиот од септември доаѓа кога Пјонгјанг се спротивставува на, како што смета, „непријателската политика“ на САД и Јужна Кореја.
Реагирајќи на ракетниот тест, јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин изјави дека неговата земја ќе ја зајакне својата одбранбена способност.
„Силната одбранбена способност е секогаш насочена кон обезбедување мир“, рече Мун.