Dilan Pamuk
19 Февруари 2021•Ажурирај: 20 Февруари 2021
АНКАРА
Кристално чистото езеро Салда во југоисточна Турција може да ја долови сликата за „возбудливото“ научно истражување кое се спроведува на Марс, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Езерото Салда, кое ќе го носиме во иднина зачувувајќи ја неговата природна состојба, исто така ќе го расветли истражувањето кое е возбудливо во светот на науката, покрај неговата единствена структура и визуелна убавина“, изјави министерот за животна средина и урбанизација, Мурат Курум.
Сличностите меѓу езерото во турската област Бурдур и кратерот Језеро на Марс го привлекоа интересот на Националната аеронаутичко-вселенска управа (НАСА) во своето истражување за тоа дали постоел живот на црвената планета.
Министерот ги даде неговите забелешки по објавата на Твитер од НАСА во која пишува: „Никој не стапнал на кратерот Језеро, но имаме некои идеи од тоа што да очекуваме благодарение на езерото Салда во Турција.“
„И ние исто така како и НАСА, со нетрпение ги очекуваме резултатите од истражувањето на кратерот Језеро“, додаде Курум.
НАСА вчера објави дека нејзиниот ровер „Упорност“ успешно се спуштил на широкиот кратер Језеро, за кој научниците веруваат дека може да има знаци на антички микробиолошки живот.
Се смета дека кратерот порано бил место каде што се наоѓало големо езеро и речна делта кои теоретски би биле домаќини на оптимални услови за живеење и зачувување на микроорганизмите.