Michael Gabriel Hernandez
19 Февруари 2021•Ажурирај: 19 Февруари 2021
ВАШИНГТОН
Вселенското летало на НАСА „Упорност“ безбедно слета на Марс, започнувајќи го истражувањето за тоа дали постоел живот на црвената планета, кое е предвидено да трае речиси две години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Роверот се спушти на широкиот кратер Језеро, за кој научниците веруваат дека може да има знаци на антички микробиолошки живот по кои трага „Упорност“. Се смета дека кратерот порано бил место каде што се наоѓало големо езеро и речна делта кои теоретски би биле домаќини на оптимални услови за живеење и зачувување на микроорганизмите.
„Здраво, свете. Мојот прв поглед во мојот дом засекогаш“, стои на објавата на твитер-профилот на роверот, придружена со црно-бела фотографија од површината на планетата. „И уште еден поглед зад мене. Добре дојдовте во кратерот Језеро. #ОдбројувањедоМарс.“
Роверот треба да изврши мисија која ќе трае една година на Марс или речиси 687 Земјини денови.
Неговото патување до Марс траеше речиси седум месеци, а сега ќе започне процесот на собирање примероци на карпести јадра кои ќе бидат зачувани во метални цевки за да се вратат на Земјата во идните мисии. Примероците се клучни за да се разбере дали некогаш постоел живот на планетата, а САД сега се надеваат дека ќе испратат луѓе уште во 2030 година.
„Упорност“, кој досега е најнапредниот ровер на НАСА, има за задача четири основни мисии, вклучително и тестирање на производство на кислород во атмосферата на Марс, за да се подготви за мисии со екипаж.
За да ја изврши својата мисија, роверот со големина на мал автомобил носи мноштво софистицирани технологии, вклучително и хеликоптер познат како „генијалност“, кој треба да го изврши првиот погон на црвената планета. Беспилотното летало ќе ги направи првите визуелни фотографии од површината на планетата што може да се пренесат назад на Земјата.
„Упорност“ носи и микрофони кои ќе овозможат човекот да го слушне првото аудио од планетата.