Zuhal Demirci
16 Октомври 2019•Ажурирај: 17 Октомври 2019
АНКАРА (AA) - Гласноговорникот од Кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, порача дека Турција во контекст на безбедноста на Сирија и бегалците од таа земја направила повеќе од која било друга земја и дека безбедносната зона, која Турција настојува да ја формира на северот на Сирија, воопшто нема да ѝ наштети на борбата против терористичката организација ДЕАШ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Калин гостуваше на „Би-би-си“ (BBC), каде што одговараше на прашањата во врска со операцијата „Извор на мирот“, која Турција ја започна на северот на Сирија, а чија цел е со елиминација на терористичките елементи да се обезбеди турската граница и да се спречи воспоставување терористички коридор.
Подвлече дека „безбедносната зона која сака да ја формира Турција во никој случај нема да ѝ штети на борбата против терористичката организација ДЕАШ“.
„Ние против ДЕАШ се боревме во Џарабулус. Заробивме повеќе од 5.000. Повеќе од 8.000 се депортирани. Во Џарабулус неутрализиравме повеќе од 3.000“, рече Калин.
Како што истакна, борбата ќе биде продолжена за да припадниците на ДЕАШ никогаш повеќе не се вратат, ниту во Ирак, ниту во Сирија, ниту каде било.
На прашањето на новинарот на кој начин Турција може да го гарантира тоа, Калин одговори: „На ист начин како што го направивме тоа во Африн, Џарабулус и во другите подрачја. На начин како што го направивме тоа во Идлиб.“
„Направивме повеќе од која било друга земја за безбедноста на луѓето во Сирија и сириските бегалци. Моментално во нашата земја се наоѓаат близу четири милиони сириски бегалци. Тие бегалци ги штитевме од нападите на ДЕАШ. Нашата борба против ДЕАШ продолжува и на никој начин нема да биде намалена. Освен тоа, ќе продолжиме да соработуваме и со меѓународната коалиција против ДЕАШ, со Европа, Америка, Иран, арапските земји, Русија и други. Бидејќи, ДЕАШ е нашиот заеднички непријател“, заклучи Калин.