АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во колумната за американскиот „Вол стрит џурнал“ (Wall Street Journal (WSJ)) напиша дека операцијата „Извор на мирот“ на меѓународната заедница ѝ дава уште една можност да ја поддржи Турција за да се стави крај на прокси војните во Сирија и повторно да се воспостави мирот и стабилноста во регионот. Европската Унија и светот треба да ги поддржуваат напорите на Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во колумната за „Вол стрит џурнал“ насловена како „Додека другите не преземаат ништо, Турција прави чекор“ се осврна на операцијата „Извор на мирот“ и на ситуацијата на сириските бегалци во Турција.
Ердоган истакна дека од почетокот на Граѓанската војна во Сирија во 2011 година, ниту една земја не ја почувствувала болката на хуманитарната криза како што ја почувствувала Турција. Потсетувајќи дека Турција прифатила 3,6 милиони бегалци, Ердоган вели дека за обезбедување на потребите за образование и здравствените услуги на бегалците потрошени се 40 милијарди долари.
Истакнувајќи дека Турција доби многу мала поддршка од меѓународната заедница, Ердоган истакна:
„Но Турција веќе стигна до границата до каде може да помага. Многу пати предупредивме дека без меѓународната помош нема да ги спречиме бегалците да заминуваат на Запад. Земјите кои сакаа да избегаат од своите обврски, нашите предупредувања ги прикажаа како закана, а не како израз на фактите. Кога заклучивме дека меѓународната заедница не ги прави потребните чекори, ние развивме план за северна Сирија.
Овој план го споделив со светските лидери на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) минатиот месец. Турција, во согласност со овој план, за да се стави крај на хуманитарната криза, насилството и нестабилноста, минатата недела ја започна операцијата „Извор на мирот“. Имајќи предвид дека не постои алтернативен план за ставање крај на бегалската криза, меѓународната заедница или ќе ги поддржи нашите напори или ќе треба да започне со прифаќање на бегалците.“
- „Ние сме против тоа Курдите од Сирија да се поистоветуваат со терористичката организација ПКК“ -
Ердоган, истакнувајќи дека Вооружените сили на Турција заедно со Сириската национална војска (СНВ) во рамките на операцијата „Извор на мирот“ ќе ги неутрализираат терористичките елементи на североистокот на Сирија, истакнува дека терористите во регионот го спречуваат враќањето на сириските бегалци во нивните домови и дека меѓу тие бегалци има 300.000 Курди.
„Во исто време, имаме за цел да се бориме против терористичката организација ПКК, нивните ограноци во Сирија и терористичката организација ДЕАШ. Турција нема проблем со ниту една етничка или верска заедница. Во Сириската Арапска Република сите граѓани кои не се вмешани во теророт се исти пред нашите очи. Особено се спротивставуваме на тоа Курдите од Сирија да се поистоветуваат со терористичката организација ПКК“, напиша Ердоган во колумната.
Претседателот Ердоган, наведе дека Турција е и против тоа терористичката организација ДЕАШ, која уби илјадници невини луѓе, да се поистоветува со исламот.
„Ние ќе обезбедиме ниту еден милитант на ДЕАШ да не го напушти североисточниот дел на Сирија. Ние сме подготвени за соработка со земјите од каде што потекнуваат странските терористи и меѓународните организации за рехабилитација на нивните сопруги и нивните деца.“
- „Арапската лига ја изгуби легитимноста“ -
Турскиот претседател, посочувајќи дека земјите кои на Турција ѝ раскажуваат за важноста на справувањето со ДЕАШ во 2014-2015 година ништо не направија за да ги спречат странските терористички борци, рече:
„Можеби една европска земја, чие име не сакам да го истакнам, ќе ни објасни како во 2014 година на еден нејзин граѓанин му беше дозволено да се качи во авион кој лета за Истанбул со куфер полн со муниција. Исто така и Франција, која денес сака да се спречи продажбата на оружје на нашата земја, зошто не ги зеде предвид раните предупредувања на Турција за терористичките напади?“
Ердоган истакна дека Арапската лига, која операцијата „Извор на мирот“ во североисточна Сирија ја дефинираше како „окупација“, треба да одговори на некои прашања.
„Земјите кои се вознемирени од напорите на Турција за враќање на сириските бегалци во својата татковина, нека кажат за колкумина жртви од војната ги отворија своите врати? Каков придонес дадоа за ставање крај на хуманитарната криза во Сирија? Кои политички иницијативи ги поддржаа за да се стави крај на Граѓанската војна во Сирија? Нивните изјави не ги одразуваат вистинските мислења и чувства на арапскиот народ, затоа Арапската лига веќе ја изгуби својата легитимност.
Меѓународната заедница ја пропушти можноста да спречи сириската криза да го зафати целиот регион. Многу земји ги искусија негативните несакани ефекти од овој конфликт, како што е нерегуларната миграција и зголемените терористички напади. Операцијата „Извор на мирот“, на меѓународната заедница ѝ дава уште една можност да ја поддржи Турција за да се стави крај на прокси војните во Сирија и повторно да се воспостави мирот и стабилноста во регионот. Европската Унија и светот треба да ги поддржуваат напорите на Турција.“
news_share_descriptionsubscription_contact
