Husamedin Gina
06 Мај 2019•Ажурирај: 07 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Вториот круг на претседателските избори во Северна Македонија беше мирен и добро спроведен, сепак, и понатаму загрижуваат недоследностите во законската рамка“, нагласија меѓународните набљудувачи во прелиминарната изјава соопштена денес, јавува Anadolu Agency (AA).
Мисијата за набљудување е заедничка активност на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) и Парламентарното собрание на Европа (ПССЕ).
Серен Мобурн, специјална координаторка и шеф на краткорочните набљудувачи од ОБСЕ и пратеник во француското Собрание, за вториот круг на претседателските избори одржани вчера истакна дека континуираното почитување на темелните слободи на гласачите им овозможило да го направат својот избор меѓу кандидатите.
„Со задоволство можам да кажам дека денот на изборите беше уреден, а клучните процедури генерално се следеа на транспарентен начин“, нагласи Серен Мобурн.
Таа, исто така, наведе дека вчерашната голема излезност на гласачите ја покажува решеноста на населението да се обедини и да одговори на предизвиците со кои се соочува земјата.
Како и во првиот круг на изборите, исто така и за вториот круг, меѓународните набљудувачи изразија сериозна загриженост околу законската рамка.
„Иако прагот на излезност од 40 проценти на овие избори беше задоволен, сè уште тој создава потенцијал за циклуси повторени избори. Ова е една од причините за грижите што ги имаме изразено во врска со изборното законодавство“, рече Мобурн, нагласувајќи дека преостанува политичкото лидерство да преземе вистински реформи за кохерентно и одржливо изборно законодавство.
Според податоците од официјалната интернет-страница на Државната изборна комисија (ДИК), на претседателските избори победи кандидатот за претседател на Република Северна Македонија поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката коалиција, Стево Пендаровски, со освоени 51,66 отсто од вкупниот број гласови, а неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, освои 44,73 отсто од вкупниот број гласови.
Податоците на ДИК покажуваат дека Пендаровски освоил 436.212, а Силјановска-Давкова 377.713 гласови, додека 30.442 (3,61 отсто) се неважечки гласови. Како што објави ДИК, излезноста на денешните избори, според досегашните резултати, изнесува 46,70 отсто, односно своето право на глас го искористиле 844.365 граѓани.
На 3.480 избирачки места во земјава и на 32 во странство на шестите претседателски избори можеа да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список.
Првиот круг од претседателските избори се одржа на 21 април, кога освен Пендаровски и Силјановска-Давкова, како претседателски кандидат учествуваше и Блерим Река, поддржан од опозициските партии од албанскиот блок, Алијанса за Албанците и Движењето Беса, но како третопласиран според добените гласови немаше право да учествува во вториот круг.
Од независноста на државата, ова се шести претседателски избори.