Abdula Berisha
06 Јуни 2022•Ажурирај: 07 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - Посетата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на Србија е откажана откако три земји, Црна Гора, Северна Македонија и Бугарија, не дозволија да се користи нивниот воздушен простор, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопшти дека го одбило барањето за користење на воздушниот простор.
„Министерството за надворешни работи го одби барањето на руската Амбасада за специјално одобрение за користење на воздушниот простор за лет до Белград, поради тоа што Владата веќе има донесено општа одлука за затворање на воздушниот простор на Северна Македонија за авиопревозници во сопственост на Руската Федерација“, се наведува во соопштението на МНР на Северна Македонија.
Меѓу другото, медиумите во регионот соопштија дека покрај Северна Македонија, исто и Црна Гора и Бугарија не дозволиле преминување на авионот на Лавров, поради што дојде до откажување на неговата посета.
Се истакнува дека српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска по средбата со рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан Харченко, во врска со одлуката на трите земји ќе ѝ се обрати на нацијата.