Şenhan Bolelli
22 Мај 2019•Ажурирај: 23 Мај 2019
МАДРИД (АА) – Силвио Берлускони, лидерот на италијанската десничарска партија Форца и кандидат за пратеник на изборите за Европскиот парламент (ЕП) што ќе се одржат на 26 мај, истакна: „Можеби Европската Унија ќе треба повторно да ја придобие Турција“, јавува Anadolu Agency (AA).
Осумдесет и двегодишниот Берлускони, којшто беше премиер на Италија три периоди (1994-1995, 2001-2006, 2008-2011) за емисијата „Порта а порта“ на италијанската државна телевизија РАИ, како кандидат за пратеник во Европскиот парламент ги кажа своите мислења за иднината на ЕП.
„ЕУ во надворешната политика се движи многу погрешно и остана немоќна пред погрешните одлуки на Владата на САД и пред трговската војна“, рече Берлускони, додавајќи дека за прашањата на одбраната и надворешната политика ЕУ треба да делува едногласно.
Берлускони, исто така, истакна дека ЕУ треба да ги поправи односите со Русија, а можеби и повторно да ја добие Турција.
Берлускони, во однос на очекувањата дека на изборите во Европскиот парламент ќе се зголемат гласовите на десницата, рече: „Ако не се договорат со десниот центар, ќе бидат изолирани и не ќе можат да направат ништо“.
-Триесет и шест од Италијанците, кои се кандидати за изборите во ЕП, моментално во земјата се наоѓаат на политичка функција
Од друга страна, во Европскиот парламент, кој се состои од 700 пратеници и еден претседател, по Германија и Франција, најмногу парламентарци испраќа Италија. Триесет и шест кандидати за изборите во ЕП, моментално, во земјата се наоѓаат на политичка функција.
Меѓу нив се наоѓаат лидерот на екстремно десничарската партија Лиг, заменик-премиер и министер за внатрешни работи, Матео Салвини, десничарскиот лидер на партијата Италијанско братство и пратеник, Џорџија Мелони, како и други 10 пратеници, 7 сенатори и 19 членови на регионалната администрација.
Според италијанскиот закон, едно лице не може да преземе политичка функција во ЕП и во Италија. Триесет и шесте кандидати треба да направат избор ако успеат да станат пратеници во Европскиот парламент.
Во сегашната ситуација, Италија има 73 места во ЕП, а се предвидува дека овој број ќе се зголеми на 76 доколку Брегзит стапи на сила и Велика Британија ја напушти ЕУ.