ВИЕНА
Зборот „неутралност“, кој влезе во речникот на меѓународната политика на почетокот на 19 век, речиси во сите западни јазици се именува на ист начин. Зборот „neutralität“ на германски, „neutral“ на англиски, „neutralité“ на француски, потекнува од латинскиот збор „neuter“, што значи „ниту едно“ или „не е на ниту една страна“, пишува Агенција Анадолија (АА).
Принципот на неутралност најдолго во светот го применува Швајцарија, и на него гледа како на непроменлив елемент на својата надворешна политика. Швајцарија не учествувала во ниту една војна од 1815 година, не зазема страна на ниту една од завојуваните страни и дури и до руско-украинската војна не зазеде став кон завојуваните страни, вклучувајќи тука и каква било осуда.
На оваа мала централноевропска земја, особено по Втората светска војна, ѝ се приклучија Австрија, Шведска и Финска.
Иако голем број земји низ светот, вклучувајќи ја и Турција, претпочитаа да останат неутрални во одредени периоди, Австрија, Швајцарија и Шведска на овој принцип гледаа како на константа на нивната надворешна политика.
Австрија, која беше една од империите со најголема територија во Европа пред Првата светска војна, по Втората светска војна 10 години се најде под окупација на земјите победници, вклучително и од поранешниот Советски Сојуз, бидејќи беше на страната на поразената страна.
Во 1955 година, кога Австрија по вторпат ја стекна својата независност, новата држава, наречена Втора Република, ја вклучи клаузулата за постојана неутралност во својот Устав и објави дека повеќе нема да зазема страна во кој било вооружен конфликт надвор од земјата.
Австрија, која начелото на неутралност го постави на правна основа ставајќи го во Уставот, обезбеди принципот на неутралност на виенската администрација да биде прифатен од 65 земји кои во тоа време имаа свои претставништва во оваа земја. На тој начин, Австрија го постигна статусот на неутралност и во сопствениот Устав и во очите на меѓународното право.
Доброволно усвојувајќи ја неутралноста, Австрија ги прифати црвените линии на принципот на неутралност, ставајќи до знаење дека нема да застане на која било страна во вооружените конфликти, нема да формира воен сојуз, нема да им дава воена помош на завојуваните страни и нема да им дозволи на трети земји да останат на нејзина територија.
Иако Австрија во почетокот на периодот на Студената војна и подоцна беше неутрална, таа, сепак, ги усвои западните вредности во голем број области, од економија до правни регулативи.
Додека принципот на неутралност во земјата се истакнуваше како прашање на дискусија, како денес, така и во минатото, разбирањето на Австрија за неутралноста се промени со членството во Европската Унија (ЕУ) и со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Додека австриските власти во секоја пригода укажуваат на решителноста да се држат до принципот на постојана неутралност во надворешната политика, вниманието го привлекува следново „неутралноста не значи да се биде рамнодушен кон она што се случува, туку секогаш се залага за угнетените, особено во случаите кога се крши меѓународното право и ги исполнува одлуките донесени од ЕУ поради нејзиното членство во Унијата“.
Москва која му предложи на Киев за пример да ја земе неутрална Австрија, ја критикуваше Австрија дека не се придржува до принцип на неутралност застанувајќи на страната на Киев во руско-украинската војна и применила различни санкции, по што уште еднаш на дневен ред е ставен принципот на неутралност.
Д-р Хајнц Гартнер, професор на Факултетот за комуникации на Универзитетот во Виена и претседател на Советодавниот одбор на Меѓународниот институт за мир (IIP), одговараше на прашањата на новинарот на АА во врска со предлогот на Русија и неутралноста на Австрија.
Осврнувајќи се на причините на одлуката за неутралност на Австрија, Гартнер рече дека бидејќи земјата била под окупација на странски војници и се соочувала со опасноста од поделба, избегнала воен сојуз со што е обезбедено повлекување на споменатите окупаторски војници од земјата.
Посочувајќи дека постојат разлики во разбирањето на неутралноста од страна на Австрија и Шведска, проф. Гартнер изјави дека неутралноста на Шведска не се заснова на меѓународното право, туку на историскиот и политички став, па затоа оваа земја не мора да подлежи на прописите на Хашката конвенција за неутрални земји од 1907 година.
Проф. Гартнер подвлече дека Австрија, од друга страна, има статус на неутралност и од аспект на сопственото право и од аспект на меѓународното право.
Проф. Гартнер за предлогот на Русија до Украина изјави: „Неутралноста во австриски стил е единствената можност. Доколку Украина се откаже од членството во НАТО, Русија ќе ги повлече своите војници. Во спротивно, Украина е под закана од постојана окупација или трајна поделба, како што беше случајот со Германија или Кореја за време на Студената војна.“
Шведска по војната со соседната земја Норвешка во 1814 година, своето надворешно-политичко разбирање го обликуваше околу политиката на неутралност, со цел да ја оддалечи земјата од разорните последици на војните.
Интересен е фактот дека Шведска, која по тој датум активно не учествуваше во ниту една војна, против руската закана во Првата светска војна се сврте кон Германија, во периодот меѓу двете војни беше активен член на Лигата на народите, во Втората светска војна, од една страна, се обидуваше да се ослободи од евентуален напад на нацистичка Германија, и правејќи отстапки дозволи користење на нејзината железница, додека од друга страна, ѝ даваше тајна поддршка на Финска, која се бореше против Советите.
Во повеќето меѓународни кризи во кои беше вклучена ЕУ, Шведска го продолжи своето воено постоење и во фазата на планирање и директно на терен. Од друга страна, земјата, која не се приклучи во воените сојузи, не инсистираше на членство во НАТО.
По започнувањето на руско-украинската војна и зголемувањето на притисоците кон Шведска да влезе во НАТО, шведската премиерка Магдалена Андерсон уште еднаш истакна дека не размислуваат за членство во НАТО.
Д-р Џонатан Фелдман, професор на Универзитетот во Стокхолм, изјави дека во војната меѓу Украина и Русија, Шведска, статусот на неутралност им го „препуштила на Турција и Израел“.
Критикувајќи ја Шведска што ѝ испратила оружје на Украина, Фелдман истакна: „Можевме да имаме неутрална улога без да ѝ испратиме оружје на Украина. Ја загубивме улогата на посредник во оваа војна, препуштајќи им ја таа улога на Турција и Израел.“
Јакоб Хеденског, експерт за Источноевропски студии, рече дека Шведска не е неутрална земја.
Посочувајќи дека Шведска има воени договори со земјите членки на ЕУ, Хеденског истакна: „Според договорот, доколку е нападната една од земјите на ЕУ, Шведска треба да обезбеди воена помош. Доколку Шведска биде нападната, земјите од ЕУ треба да ја заштитат Шведска.“
news_share_descriptionsubscription_contact
