Husamedin Gina
18 Март 2022•Ажурирај: 19 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) – Министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и Словенија, Оливер Спасовски и Алеш Хојс, денеска го потпишаа Имплементацискиот договор помеѓу владите на двете земји за борба против трговија со луѓе, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи на Северна Македнија, Оливер Спасовски, денеска се сретна со словенечкиот колега Алеш Хојс кој престојува во официјална посета на земјата.
По тет-а тет и средбата на делегациите, министрите Спасовски и Хојс го потпишаа Имплементацискиот договор помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Словенија за борба против трговијата со луѓе, а потоа одржаа заедничка прес-конференција.
Наведувајќи дека денеска е потпишан договор за борба против трговија со луѓе, Спасовски рече дека примарна цел на договорот ќе биде соработката во превенцијата со трговијата со луѓе и сите форми на злоупотреба на деца.

„Со овој имплементациски протокол се предвидува и спроведување заеднички проекти за подигнување на јавната свест за превенција во областа на трговијата со луѓе“, рече Спасовски.
Тој, исто така додаде дека еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи и понатаму е ефикасното управување со границите, миграцијата и спречувањето на илегалната миграција на таканаречената западнобалканска рута.
На прес-конференцијата министерот за внатрешни работи на Словенија, Алеш Хојс, истакна дека Словенија е една од државите кои континуирано 30 години ја поддржуваат Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија.
„[Северна] Македонија е веќе во Европа, нема тука никакви двоумења. Едноставно, она што недостига е влезот во Европската Унија, а Словенија е една од оние земји кои навистина работат на тоа да се зачлените“, нагласи министерот Хојс.
Потсетувајќи дека вчера се одбележаа 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, Хојс рече дека Словенија е една од трите држави кои ја признаа самостојна Македонија и е прва држава која отвори амбасада во Скопје.
На новинарско прашање, каква е безбедносната ситуација во Северна Македонија, со оглед на војната меѓу Русија и Украина, министерот Спасовски рече дека во овој момент безбедносната ситуација во земјата е стабилна, мирна, без никакви индикации за нарушување.