Furkan Abdula
24 Март 2022•Ажурирај: 25 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на Самитот на НАТО во Брисел истакна дека денес сите сојузници на НАТО се обединети и дека ќе ја понудат нивната поддршка за народот на Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ковачевски даде изјава за медиумите пред почетокот на вонредниот Самит на шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО кој се одржува во Брисел.
Премиерот Ковачевски на овој самит е придружуван од страна на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска.
Ковачевски нагласи дека денес сите сојузници на НАТО се обединети и дека ќе ја понудат нивната поддршка за народот на Украина.
„Денес сите сојузници на НАТО се обединети, и ќе ја понудиме нашата поддршка за народот на Украина. Ќе останеме обединети. И Северна Македонија како земја членка на НАТО веќе ја усогласи својата надворешна политика со Европската Унија (ЕУ). Ги донесовме сите одлуки усогласени со земјите членки на НАТО и на ЕУ со цел да го одвратиме она што Русија на Путин го прави во Украина. А во насока да им помогнеме на Украинците, исто така ги донесовме потребните одлуки во земјата за да ги прифатиме сите бегалци коишто би побарале засолниште во нашата држава“, рече тој.
Запрашан дали смета дека треба да има поголемо учество на НАТО во Источна Европа, Ковачевски одговори: „И тоа се дискутираше на битните состаноци во НАТО. Па во тој дел донесовме соодветни одлуки во поглед на зацврстување на Источното крило, и тоа секако ќе биде дискутирано на овој вонреден самит.“
Ковачевски рече дека Северна Македонија како земја членка на НАТО веќе понуди соодветна помош на украинскиот народ, а сега е време кога народот на Украина има потреба од помош од демократскиот свет.
Инаку, на овој самит се очекува да се разговара за различни теми, пред сѐ за војната меѓу Русија и Украина, но и да се разгледаат мерките за зајакнување на структурата за одвраќање и одбрана на НАТО.
Исто така, на Самитот ќе бидат разменети мислења за одлуките кои ќе се донесат и чекорите кои ќе се направат во насока на оформување на иднината на Алијансата, како и во насока на процесот во врска со Самитот во Мадрид кој се планира да се одржи во јуни.