СКОПЈЕ (АА) - Лошите временски услови во ноќта на 6 август, придружени со грмотевици и силен ветар што го зафати северозападниот дел на Македонија, предизвикаa повеќе последици во населените места во околината на Скопје. Како резултат на врнежите, беа предизвикани поплави во кои загинаа 21 лице, беше прекинат доводот на електрична енергија, а нанесена e и голема материјална штета.
Инсертите од Anadolu Agency (AA) покажуваат дека во најпогодените населби од поплавите како што се Хасанбег и Стајковци, во делот каде што живеат Македонци им е обезбедена помош од институциите, како храна, опрема за расчистување на теренот и медицинска помош, а каде што живее албанско население ситуацијата е оставена во рацете на жителите.
Некои невладини организации како „Нун“, „Влазнија“, „Калири и Миресис“ и активистите од „Форумит ринор ислам“, се обидуваат да им помогнат на жителите на Хасанбег со храна и со санирање на штетата, но состојбата е речиси иста како утрото по поплавата.
Во меѓувреме, претставниците на Турската агенција за координација и развој (ТИКА) денес ги посетија населените места погодени од поплавите, со цел да ја види ситуацијата на терен и да им помогне на жителите.
Сафер Амедовски, учител во Хасанбег, наведува дека таа ноќ останал на покривот на куќата за да се спаси од поплавата заедно со своето семејство. Тој вели дека досега никој не му понудил помош и додаде дека од денес тој лично, заедно со некои од неговите соседи се ангажирани за санирање на штетата.
„Таа ноќ, за време на поплавата, ние се качивме на покривот и ја повикавме полицијата, но никој не дојде да ни помогне. Му благодарам на Бога нивото на водата опадна, но друга помош немавме. Ние сме невработени и нема кој да ни помогне. Значи, заедно со соседите сме ангажирани во санирање на овие штети”.
„Куќите се во многу лоша состојба. Со оваа катастрофа ние сме вратени 50 години назад. Исто така, сами ги санираме штетите, од државата досега не сме имале никаква помош. Полицијата доаѓа и само прашува како сте... кој е во можност, ве молиме да ни помогнете”, рече Ридван Алиу од Хасанбег.
„Штетата е многу голема, но фала му на Бога, од моето семејство нема загинати. Шест лица претходно закопавме. Јас имам 73 години и не сум видел олкаво количество вода, но пак она што доаѓа од Бога е добредојдено“, рече еден постар жител на селото.
Во меѓувреме, од општина Софија е испратен тим од 7 лица кои се обидуваат да им помогнат на жителите погодени од поплавата. Красимир Димитров, одговорниот на тимот рече дека станува збор за две специјализирани екипи за спасување и нагласи дека од скопската противпожарна им дале задача со помош на специјалната опрема која ја имаат да бараат едно 11-годишно девојче кое сѐ уште се води за исчезнато.
„Ние им помагаме на луѓето кои имаат потреба за помош. Се обидуваме да ги санираме штетите, а во оваа улица задолжени сме за испумпување на водата од домовите. Досега, во 27 куќи ја испумпавме водата“, рече Димитров.
За разлика од Хасанбег, во Стајковци ситуацијата е помирна. На секој агол се забележува различна опрема и алат за санација на штетите и за испумпување на водата од домовите. Исто така, присутни се и голем број припадници на полицијата, АРМ, Црвениот крст и министрите од Владата на РМ, меѓу кои и министерот за финансии и за труд и социјална политика, Кирил Миновски и Диме Спасов.
„Денес сме овде со граѓаните на Стајковци да ја покажеме нашата солидарност и воедно да им помогнеме во решавање на последиците на оваа природна катастрофа. Дури и ние како министри во Владата на Македонија ќе бидеме присутни тука сѐ додека не се санира штетата”, изјави Миновски за АА.
news_share_descriptionsubscription_contact
