Furkan Abdula
07 Јули 2022•Ажурирај: 08 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија соопшти дека предлог-преговарачката рамка за земјата со Европската Унија (ЕУ), претставена од француското претседателство со ЕУ, е проследена до Собранието на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, Владата на денешната 59. седница ја разгледала информацијата од Министерството за надворешни работи, за предлог-преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ, претставена од француското претседателство со Европската Унија.
„На седницата, Владата одлучи предлог-преговарачката рамка да ја проследи до Собранието на Република Северна Македонија на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Инаку, францускиот предлог е предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското Претседателство пристигна модификуван предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека модификуваниот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградените ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, како и тоа, протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни.
Францускиот предлог е документ кој треба да доведе отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.