Senita Şeherçehayiç
06 Септември 2016•Ажурирај: 07 Септември 2016
САРАЕВО (АА) - Претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, денес во Брисел се состана со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. За време на состанокот, Звиздиќ изјави дека стратешка цел на надворешната политика на БиХ претставува полноправното членство во НАТО, пренесува Anadolu Agency.
Звиздиќ нагласи дека БиХ е подготвена да промовира мир, стабилност, безбедност и просперитет во регионот и глобално, дека е определена за продлабочување на соработката во областа на одбраната и безбедноста, и дека соработката е со цел вклучување на регионот во европските и евроатлантските интеграции. Тој го запозна генералниот секретар со исполнувањето на условите за активирање на Акцискиот план за членство во НАТО. Звиздиќ нагласи дека БиХ настојува да ги задоволи условите од Талин со цел НАТО да ја донесе колку што е можно побрзо одлуката за активирање на МАП, се соопштува од Советот за министри на БиХ.
Претседавачот Звиздиќ го запозна генералниот секретар со напредокот што е постигнат во последно време во БиХ.
Генералниот секретар Столтенбег го пофали напредокот на БиХ во исполнувањето на задачите за активирање на МАП и нагласи дека е потребно во потполност да се исполнат условите договорени во Талин. Тој изјави дека НАТО и БиХ имаат заеднички интерес, а тоа е јакнењето на соработката со цел сигурност и безбедност. Столтенберг се заблагодари за учеството на БиХ во мисијата на НАТО во Авганистан, во која, во овој момент учествуваат 55 припадници на Вооружените сили на БиХ.
Претседавачот со Советот на министри, Звиздиќ, изјави дека БиХ треба да стане членка на НАТО, не само заради гаранција на внатрешната безбедност, туку и поради фактот дека БиХ, со приспособување на стандардите и вредностите што ги бара НАТО, ќе стане современа држава во која демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права претставуваат трајна категорија.
Тој изјави дека со учеството во активностите на НАТО, БиХ активно се подготвува со цел во иднина да биде кредибилен, подготвен и сериозен сојузник кој ќе биде дополнителна вредност на овој сојуз и дека очекува на следниот НАТО самит да биде активен MAП.
На состанокот присуствуваше и Алмир Џуво, шефот на мисијата на БиХ во НАТО, во Брисел.