Burç Eruygur
16 Септември 2025•Ажурирај: 17 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес побара „јасна позиција“ од американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина, што трае повеќе од три и пол години, јавува Анадолу.
„Пред да ја завршиме војната, навистина сакам да ги имам сите договори на место. Сакам да имам документ што ќе биде поддржан од САД и сите европски партнери. Ова е многу важно. За да се случи ова, ни треба јасна позиција од претседателот Трамп“, рече Зеленски во интервју за „Скај њуз“.
Неговите забелешки дојдоа како одговор на прашањето за втората државна посета на Трамп на Велика Британија оваа недела, на што украинскиот претседател изрази надеж дека британскиот премиер Кир Стармер ќе може да има „многу специфична дискусија за безбедносните гаранции на САД за Украина“.
Како реакција на коментарите на Трамп во кои се повикува Европа да престане да купува руска нафта, Зеленски рече дека верува оти Вашингтон е доволно силен за „сам да донесува одлуки“ и дека неговиот американски колега може да ѝ даде на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана.
„Сигурен сум дека САД можат да воведат доволно санкции за да ѝ наштетат на руската економија, плус Доналд Трамп има доволно сила за да го натера Путин да се плаши од него“, рече тој.
Тој изрази согласност со Трамп за повикот Европа да престане да купува руска нафта и гас, но рече дека САД не треба да чекаат да воведат дополнителни санкции врз Москва.
„Европа веќе воведе 18 пакети санкции против Русија. И сега недостасува само силен пакет санкции од САД“, рече украинскиот претседател.
Зеленски ја потврди својата подготвеност да се сретне со Трамп и Владимир Путин во трилатерален формат, но го отфрли предлогот на рускиот претседател да се сретнат во Москва.
Говорејќи за самитот Трамп - Путин во Алјаска минатиот месец, Зеленски тврдеше дека американскиот претседател „му дал многу на Путин“ и дека рускиот претседател добил платформа да избега од политичката изолација без да плати „ништо за тоа“.
Тој рече дека верува оти состанокот во Алјаска би имал „некаков резултат“ доколку се одржал во трилатерален формат.
Зеленски тврдеше дека Путин се обидува да ги „измами САД“ за да избегне санкции.
Украинскиот претседател, исто така, се осврна на неодамнешните упади со беспилотни летала во Полска и Романија, тврдејќи дека Русија, која е обвинета за прекршувања од Будимпешта, Киев и Варшава, го „тестира НАТО“ и сака да види на што е „подготвена Алијансата, и дипломатски и политички, и како локалното население ќе одговори на ова“.
Зеленски рече дека неодамнешните упади послужиле и како порака да не се снабдува Украина со дополнителни системи за воздушна одбрана „затоа што можеби и вам ќе ви бидат потребни“.