Ayhan Şimşek
17 Септември 2016•Ажурирај: 17 Септември 2016
БРАТИСЛАВА (AA) - Германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот на челниците на земјите на ЕУ кои се собраа во Братислава, изјави дека на ниво на Унијата ќе ги преземе потребните чекори со кои ќе одговори на очекувањата на граѓаните во врска со бегалската криза, безбедноста и економската ситуација, јавува Anadolu Agency (AA).
Мислам дека Братислава е добар почеток за посветена работа. Сите се согласни дека сега не е време за големи изјави за промени во темелните договори на ЕУ. Она што сега мора да го направиме е со конкретни чекори да го реализираме она што сме им го говореле на нашите граѓани", рече Меркел.
Истакна дека целта на ЕУ да се спречат илегалните миграции во Европа.
„Целта ни е, колку што тоа е можно, да ги спречиме илегалните миграции или да ги намалиме. Исто така, важно е да се соочиме со вистинските причини на миграциите. За тоа ни служи и договорот помеѓу ЕУ и Турција", рече Меркел.
Додаде дека ЕУ мора да го зголеми бројот на програмите кои ќе помогнат доставување на развојна помош на луѓето во земјите од кои доаѓаат највеќе бегалци.
Од друга страна, унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека дружењето на челниците на ЕУ во Братислава било неуспешно во однос на заедничката политика кон проблемот со мигрантите.
Истакна дека првиот состанок на водечките државници на земјите на ЕУ без Велика Британија не донел промена на имиграциската политика на ЕУ за која рече дека е „автодеструктивна и наивна".
Лидерите на 27 држави членки на Европската унија се собраа во петок во Братислава на неформалниот состанок на кој највеќе се разговараше за мигрантите како и за иднината на ЕУ без Велика Британија.