Furkan Abdula
19 Јуни 2023•Ажурирај: 20 Јуни 2023
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во рамките на посетата на Велика Британија денес оствари средба со британскиот државен секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој, Џејмс Клеверли, на која присуствуваше и министерот за Европа, Лео Докерти, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, Османи упатил благодарност за значајната улога на Обединетото Кралство во одржувањето на безбедноста и просперитетот во регионот и поддршката во клучните области за напредокот на Северна Македонија, како доброто владеење, реформите во безбедносниот сектор и во судството, како и социоекономскиот развој.
„Обединетото Кралство изминатите три децении ѝ е посветен и доверлив партнер на нашата држава и вокален поддржувач на нашите стратегиски надворешно-политички приоритети што претставува уште една потврда за британскиот интерес за долгорочно присуство во регионот“, истакна Османи.
Тој брифираше околу европското досие на државата и процесот на уставните измени, како неопходен чекор за продолжување на пристапните преговори со Европската Унија паралелно со реформската агенда потребна за исполнување на условите за членство во ЕУ.
„Нѐ радува силната британска поддршка за усвојување на уставните измени, со цел продолжување на евроинтегративниот пат и обезбедување на европската иднина на државата“, потенцира Османи.
На средбата беа разменети ставови за актуелните политичко-безбедносни состојби во регионот од Западен Балкан, како последица од воената агресија врз Украина од позиција на сојузници во рамките на НАТО.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи информираше за предизвиците со кои се соочува Организацијата и можностите за нивно надминување.