Besar Ademi
03 Ноември 2016•Ажурирај: 04 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) официјално отвори мисија за набљудување на изборите за предвремените парламентарни избори на 11 декември во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на мисијата за набљудување на изборите, Тана де Зулуета, која на конференцијата одржана во Скопје објави дека мисијата доаѓа на официјална покана од страна на властите, рече дека нејзиниот тим се состои од 14 водечки експерти во Скопје и 20 долгорочни набљудувачи кои ќе бидат распоредени во групи од по двајца членови во целата земја, почнувајќи од 9 ноември.
Покрај тоа, ОДИХР ќе побара од земјите-учеснички на ОБСЕ да испратат 300 краткорочни набљудувачи, кои според Зулуета ќе пристигнат неколку дена пред денот на изборите.
„Триста набљудувачи е голем број и ни овозможува да имаме значаен извор на статистички анализи на процедурата на гласање. Земјите-членки мора да ја исполнат потребната квота, бидејќи високото учество е во интерес на меѓународната заедница“, рече Зулуета, додавајќи дека не е нивна методологија на работа еден набљудувач да стои статично, само на едно избирачко место.
Зулуета најави дека набљудувачите ќе ја следат внимателно регистрацијата на кандидатите и гласачите, изборната кампања, работата на изборната администрација и релевантните државни институции, изборната законска рамка и нејзиното спроведување и решавањето на изборниот спор. Како дел од набљудувањето, Зулуета истакна дека мисијата, исто така, ќе го следи и медиумското покривање на кампањата.
„Ние не интервенираме, туку само набљудуваме, тоа е нашата методологија. Ние треба да бидеме неутрални набљудувачи, но ако се појават сериозни прашања, вклучувајќи ја и безбедноста на избирачите или избирачкото место, тогаш ние правиме забелешки. Сепак, во надлежност на државните органи е да се обезбедат услови за одржување на фер избори“, рече Зулуета.
Во текот на набљудувањето, мисијата ќе се сретне со претставници на државните органи, политичките партии, кандидатите, како и со претставници на граѓанското општество, медиумите и меѓународната заедница.
Во текот на својата работа, мисијата ќе објави два привремени извештаја, и по денот на изборите, на прес-конференција ќе ги објави првичните наоди и заклучоци. ОДИХР ќе објави финален извештај во врска со набљудувањето, околу осум недели по завршувањето на изборниот процес.
Мисијата за набљудување на изборите ќе ги оцени овие избори за нивната согласност со заложбите на ОБСЕ и другите обврски на меѓународните стандарди за демократски избори, како и за согласноста со домашното законодавство.