Furkan Abdula
07 Јули 2022•Ажурирај: 07 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати апел до организаторите на протестите одржани во Скопје да преземат одговорност и да протестираат достоинствено и без насилство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на државата, Пендаровски нагласува дека е неприфатливо користење и поттикнување насилство во политички цели.
„Настанот кој се случи вчера во Скопје не смее да се повтори бидејќи нема ништо позначајно од мирот и безбедноста на сите граѓани“, истакна Пендаровски.
„Упатувам апел до сите организатори на протестите, кои овие денови се одвиваат во Северна Македонија, да преземат одговорност и нивното демократско право да протестираат да продолжат да го практикуваат достоинствено и без насилство“, рече тој.
Пендаровски нагласи дека најостро го осудува носењето и користењето огнено оружје од цивили и граѓани на земјава, кои не се припадници на органите за безбедност.
„Вчера полицијата имаше навремена реакција која спречи поголеми судири. Очекувам сите лица кои вчера беа инволвирани во инцидентот да бидат приведени и соодветно санкционирани во најкус можен рок“, додаде Пендаровски.
Веќе неколку дена продолжуваат протестите на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ).