Ivana Ramadanova
08 Мај 2016•Ажурирај: 09 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во два одвоени случаја полицијата вчера откри криумчарење илегални мигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Министерството за внатрешни работи, во првиот случај, на влез во село Стојаково од правец на гевгелиското село Богородица вчера во шест часот полициски службеници пронашле 57 илегални мигранти во близина на товарно моторно возило „ФАП“ со велешки регистарски ознаки.
Од нив, 28 биле од Авганистан, 22 од Ирак, тројца од Пакистан, еден од Сирија, двајца од Иран и еден од Индија.
Како што информираат до МВР, во 11 часот вчера тие биле приведени во полициска станица на граничниот премин „Богородица“, а ќе бидат спроведени до Прифатниот центар за странци на МВР. Возилото со потврда е предадено на инспектори од Регионален центар-Југ за понатамошна постапка.
Во вториот случај тројца малолетни мигранти се откриени во камион кај скопско Идризово. Според МВР, возачот на камионот Б.Ѓ. од Ниш, Србија, вчера во 17 часот од својата приколка слушнал гласови кои барале помош.
Камионот, со српски национални ознаки, тој го паркирал на паркинг-простор во населба Дрма, во скопското село Идризово, во утринските часови откако од Грција влегол во Македонија.
Попладнето во 17 часот кога се подготвувал да го продолжи патувањето, Б.Ѓ. слушнал дека во приколката, која била со царинска пломба, има луѓе кои викале за помош.
„По добиената пријава, на местото се упатени служби од СВР Скопје, Царина, Економски криминал и Регионален центар ГР Север (мобилен граничен тим). Од службениците од Царина е скината царинската пломба на приколката и внатре се пронајдени три малолетни лица - мигранти кои според нивно кажување се на возраст од 17 години и две на возраст од 15 години. Службите на МВР преземаат понатамошни мерки”, информираа од министерството.