Ekipa
22 Декември 2021•Ажурирај: 23 Декември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, ја поднесе оставката до Собранието, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Денеска ја поднесов оставката од функцијата претседател на Владата на Република Северна Македонија до претседателот на Собранието, Талат Џафери“, соопшти Заев преку објава на социјалната мрежа Фејсбук.
„Демократијата значи и одговорност. Со мојата оставка, преземам одговорност и оставам пример за граѓанската должност на идните лидери, но и давам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на државата“, истакнува Заев.
Тој упати благодарност до пратениците во Собранието, на овој и претходниот состав, на членовите на двата состави на Владата за време на неговите мандати и на граѓаните на Северна Македонија.
„Посакувам благосостојба и просперитет на сите наши граѓани, на сите заедници, на целиот наш народ“, порача Заев.
Инаку, премиерот Заев, откако не ги постигна очекуваните резултати од вториот круг на локалните избори во земјата, кои се одржаа на 31 октомври, соопшти дека поднесува оставка од функцијата премиер и претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).