Ivana Ramadanova
03 Јуни 2016•Ажурирај: 04 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Директорот на ЈП Македонски железници - Инфраструктура, Ирфан Асани и директорот на Бугарската национална железничка инфраструктурна компанија Милчо Ламбрев денеска во Скопје остварија средба на која се разговарало за железничкото поврзување и определување на спојните точки меѓу Македонија и Бугарија, интензивирање на соработкаката на железничките компании, како и размена на искуства и на експертски тимови, пренесува Anadolu Agency (AA).
Асани го информирал директорот на бугарската железничка компанија дека градежните работи и проектите поврзани за железничко поврзување меѓу двете држави се во тек, и најдоцна до 2020 година се очекува Македонија и Бугарија железнички да се поврзат, соопшти МЖ-Инфраструктура.
„Ако се оди според планот за четри години е предвидено да завршат сите градежни работи на пругата кон Бугарија и во 2020 година Скопје и Софија ќе се поврзат и по железнички пат", истакнал Асани на средбата со Ламбрев.
Според Ламбрев, бугарските железници моментално проектираат нови траси на железничката линија кон Македонија.
„Ние ќе ги завршиме градежните работи до 2020 година, и како компанија сме подготвени железнички да се поврземе и преку старата траса, иако паралелно ја градиме и новата траса кон границата со Македонија",рекол Ламбрев.
Асани го информирал својот бугарски колега и за моменталните активности кои се одвиваат на Коридорот 8, односно железничкото поврзување со Албаниаја каде што 50 отсто од главниот проект е веќе направен.
Следната средба на двајцата директори ќе биде во Софија, а главна цел ќе биде подобра координација меѓу двете железнички компании.