Bekim Laci
28 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Македонија, на последната седница донесе одлука за систематизирање на 958 админситративни службеници на работни места, од вкупно 1.600 административни службеници кои се опфатени со првата фаза за прераспределување во институциите од јавниот сектор, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова беше соопштено од вицепремиерот на Република Македонија, задолжен за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и политичкиот систем, Хазби Лика, и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кои на средбата со новинарите рекоа дека одлуката поминала на вчерашната владина седница, откако претходно се направени потребните активности за да се усогласат очекувањата на админситративните службеници со можностите кои ги имаат институциите.
Манчевски нагласи дека критериумите кои биле земени предвид за време на систематизирањето на 958 административни службеници во работните места, пред сè, биле нивото на завршеното образование, но и бројот на вработените во надлежните институции за да се избегне пренатрупаноста, како и адресата на живеење во контекст на оддалеченоста од работното место.
„Доколку овие лица одбијат да бидат распределени на работните места, предвидени за нив според споменатите критериуми, ќе бидат префрлени на трансфер-листата на Министерството за информатичко општество и администрација. Во моментот кога ќе бидат побарани за преземање, имаат обврска да ја прифатат понудата. Доколку повторно одбијат, со нив Договорот ќе биде раскинат“, рече Манчевски.
Според него, решавачко за изнаоѓање на решение за проблемот кој датира од 2008 година, била политичката подготвеност на Владата преку измените во Законот за административни службеници и четири други закони кои беа усвоени во Собрание, со што овие административни службеници ќе можат да се систематизираат и во јавниот сектор, како што се училиштата и болниците, нешто што беше оневозможено со стариот закон.
Вицепремиерот Лика, нагласи дека, иако не е утврден датумот за почнување со работа, сепак, веднаш по завршувањето на прес-конференцијата, систематизираните административни службеници ќе бидат повикани да ги потпишат договорите. „Најважно е започнувањето на овој процес“, рече тој.
„Ние сега ги имаме работните групи кои ќе контактираат со админситративните службеници, но не можеме да зборуваме за точен датум, сепак, треба да дефинираме еден општ период, од еден до два месеца да заврши со првата група. Паралелно со првата група, работиме и на втората група која се третира со исти критериуми како што е третирана и првата група“, додаде Лика.
Прашањето за 1.600 административни службеници, главно Албанци кои не беа прераспределени на работните места а земале месечна плата, датира од 2008 година, и имаше за цел зголемување на застапеноста на Албанците, како и припадниците на другите етнички заедници во Македонија во јавните институции, но тие никогаш не беа систематизирани на работни места.