Şerife Çetin
27 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
БРИСЕЛ (АА) - Земјите кои се сигурни дека зад труењето на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Британија стои Русија, својата реакција ја изразија со депортација на руските дипломати.
Според информациите до кои дојде новинар на АА, 24 земји од светот депортираа 139 руски дипломати. Се очекува во наредните денови оваа бројка уште повеќе да се зголеми.

Британија, која смета дека Русија е одговорна во случајот на труење со нервен гас на поранешниот руски разузнавач Скрипал и неговата ќерка, својата реакција ја искажа со депортација на 23 руски дипломати, што беше прифатено и од другите земји од светот.
Првите изјави за депортација дојдоа од САД и Канада
САД беше првата земја што ја поддржа Британија. Раководството на САД соопшти дека донеле одлука да се затвори рускиот конзулат во Сиетл и да се депортираат вкупно 60 руски дипломати, 48 од Вашингтон и 12 постојани претставници на Русија во Обединетите нации. САД им даде рок од 7 дена на руските дипломати да ја напуштат земјата.
Речиси во исто време, Канада соопшти дека го осудува „подлиот, предавнички и неодговорен“ напад, и дека донела одлука за депортација на 4 руски дипломати.
Реакции од 16 земји-членки на ЕУ
По САД и Канада, не задоцни и реакцијата од земјите-членки на ЕУ. На вонредната прес-коференција, Доналд Туск, претседателот на Советот на ЕУ, соопшти дека 14 земји-членки на ЕУ ќе ги депортираат руските дипломати. Туск додаде дека во наредните денови се очекува да дојдат одлуки за депортација на руски дипломати и од другите земји-членки на ЕУ, додавајќи дека е можно да бидат преземени дополнителни мерки. По изјавата на Турск, уште две земји-членки на ЕУ се придружија на карванот за депортација на руски дипломати.
По посочувањето дека Русија е одговорна за труењето и на осуда од земјите-членки на лидерскиот Самит на ЕУ, земјите од Европската Унија ја покажаа својата солидаризација со Британија и соопштија дека ќе ги депортираат руските дипломати.
Земјите-членки на ЕУ кои ги депортираа руските дипломати се: Франција (4), Германија (4), Полска (3), Чешка (3), Литванија (3), Данска (2), Италија (2), Холандија (2), Шпанија (2), Хрватска (1), Романија (1), Естонија (1), Финска (1), Унгарија (1), Летонија (1) и Шведска (1).
Се очекува Белгија и Ирска во текот на денот да ги донесат своите одлуки, додека Австрија, Грција, грчката администрација на Јужен Кипар и Португалија соопштија дека не размислуваат да донесат таква одлука.
Меѓу земјите од Европа кои донесоа одлука за депортација на руски дипломати, но не се членки на ЕУ, се: Украина (13), Албанија (2), Македонија (1) и Норвешка (1).
Австралија и Нов Зеланд
Австралија, исто така реагираше на труењето на рускиот разузнавач, и донесе одлука за депортација на 2 руски дипломати, кои треба да ја напуштат земјата во период од 7 дена.
Нов Зеланд, кој е близок сојузник на Британија, соопшти дека сака да ја покаже својата поддршка кон Британија, но додаде дека не пронашла руски дипломати кои ќе ги депортира.
Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, за државното радио изјави: „Нов Зеланд ги изврши потребните истражувања, но не наидовме на службеник на Руската разузнавачка служба.“
Бојкот на Светското фудбалско првенство
Од друга страна, некои земји соопштија дека ќе го бојкотираат овогодинешното Светско фудбалско првенство што ова лето треба да се одржи во Русија.
Исланд и Полска отворено соопштија дека донеле одлука да ги бојкотираат игрите, додека Австрија, Данска, Шведска и Јапонија се консултираат околу одлуката за бојкот на Светското фудбалско првенство во Русија.