Ekipa
31 Мај 2023•Ажурирај: 01 Јуни 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на маргините на Глобалниот безбедносен форум ГЛОБСЕК 2023 во Братислава, денес оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен, пренесува Анадолу.
Премиерот Ковачевски на средбата ја потенцирал заложбата на Владата за исполнување на реформите во клучните поглавја од пристапниот процес во Европската Унија (ЕУ), соопштија од Владата, и се заблагодарил за поддршката на Европската комисија и партнерскиот однос во секоја фаза од процесот.
„Ковачевски доби уверување од Фон дер Лајен дека ЕУ останува да биде пријател и партнер на Северна Македонија и дава силна поддршка на постигнувањето политички консензус за уставните измени, во корист на земјата и регионот“, се вели во соопштението.
Во таа насока било изразено очекување дека сите политички чинители во земјата ќе ја препознаат важноста на моментот за иднината на земјата и дека ќе дејствуваат во корист на европската интеграција на Северна Македонија.
„Двајцата соговорници ја потврдија посветеноста и ангажманот на Европската Унија за интеграција на земјите од Западен Балкан, истакнувајќи дека со тоа позитивно се влијае врз политичките процеси и реформската агенда, стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет на нашите општества“, се додава во соопштението на Владата на Северна Македонија.
На средбата присуствувал и министерот за надворешни работи Бујар Османи.