Husamedin Gina
22 Октомври 2021•Ажурирај: 24 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) – Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, честитајќи ѝ на Северна Македонија за претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, рече дека претседавањето е чест и сведоштво за посветеноста на регионалната соработка и мултилатерализмот на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералната секретарка Шмид, на покана на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска престојуваше во работна посета на Северна Македонија.
На средбата на Османи со генералната секретарка Шмит која се одржа во МНР, генерално е разговарано за прашања поврзани со процесот на организација и самото претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ.
По средбата, која се одржа во МНР и на која генерално е разговарано за прашања поврзани со процесот на организација и самото претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ, министерот Бујар Османи и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, одржаа заедничка прес-конференција.
Истакнувајќи дека имале продуктивен состанок со министерот Османи за претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ, Шмид рече тоа е комплексна задача која носи големи политички придобивки.
„На почетокот би сакал да ви честитам, претседавањето со ОБСЕ е чест и сведоштво за вашата посветеност на регионалната соработка и мултилатерализмот. Тоа е комплексна задача, меѓутоа, исто така, носи големи политички придобивки“, рече Шмид.
Потсетувајќи дека ОБСЕ е најголемата безбедносна организација, Хелга Шмид додаде дека исто така е и единствена уникатна платформа за разговори за безбедносни прашања.
Министерот Османи, осврнувајќи се на денешната средба со генералната секретарка Шмид, рече дека веќе од 1 јануари Северна Македонија влегува во тројката на претседавачи на ОБСЕ, со овогодишниот претседавач Шведска, како и со претседавачот во 2022 година, Полска.
„Веќе наредната година ќе претседаваме со групата на медитерански партнери за соработка на ОБСЕ, како генерална проба за нашите обврски како претседавач со Организацијата во 2023 година“, нагласи министерот Османи.
Османи, исто така, нагласи дека на средбата изразил уверување дека Северна Македонија ќе вложи максимум за процесот на претседавање да биде отворен, инклузивен и целисходен.
ОБСЕ преставува најголема регионална организација на северната хемисфера, која опфаќа 57 земји учеснички, од Ванкувер до Владивосток, и се протега на три континенти - Европа, Азија и Америка.