Stipe Majic,Ekipa
20 Октомври 2020•Ажурирај: 20 Октомври 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, кој престојува во официјална посета на Хрватска, оствари средба со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Главна тема на средбата беше европскиот пат на Северна Македонија и подготовките за отворање на пристапните преговори со Европската Унија“, извести хрватската Влада.
Се наведува дека Хрватска силно ја поддржува Северна Македонија како држава кандидат и очекува дека до крајот на годината, во текот на германското претседавање со Советот на Европската Унија, ќе биде свикана Меѓувладина конференција за отворање на преговорите.
„Хрватска е подготвена да продолжи да ѝ помага на Северна Македонија во реформите и во исполнување на потребните услови за членство во ЕУ“, истакнува хрватската Влада.
Нагласено е и задоволството од добрите економски односи меѓу Хрватска и Северна Македонија и најавено е дека наскоро ќе се одржи економски форум за дополнително поттикнување посилна економска соработка.
Од друга страна, министерот за надворешни рабтои на Северна Македонија, Бујар Османи, упати благодарност до Пленковиќ за континуираната поддршка на Хрватска и ангажманот за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија, под чија палка Советот на ЕУ постигна консензус и ја донесе одлуката за почеток на пристапните преговори со Република Северна Македонија.
„Ние во пријателска Хрватска имаме искрен партнер, традиционален поддржувач на нашите аспирации за интегрирање во европското семејство. Особено го цениме фактот што Хрватска во сиот изминат период цврсто веруваше во Република Северна Македонија, како важна алка во создавањето и одржувањето на стабилноста во регионот“, истакна Османи.