Husamedin Gina
13 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
СКОПЈЕ (АА) – Министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, истакна дека траен мир и трајна безбедност може да се обезбедат исклучиво само ако на жените им биде дадена шансата подеднакво да учествуваат и да придонесуваат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката Шекеринска денеска во Скопје учествуваше на панел-дискусијата на која беше промовиран вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации, „Жени, мир и безбедност“.
Министерката во своето обраќање наведе дека Армијата на Северна Македонија и одбраната ќе бидат подобри и посилни ако во нив подеднакво добредојдени се и мажите и жените.
„Задоволство ми беше денеска што успеавме да ја означиме 20-годишнината од Резолуцијата, којашто за прв пат кажа дека траен мир и трајна безбедност може да се обезбеди исклучиво само ако на жените им биде дадена шансата подеднакво да учествуваат и да придонесуваат. Не постои демократска држава којашто има отпорност, безбедност и стабилност, а не им дала шанса на жените“, нагласи Шекеринска.
Веднаш по завршувањето на панел-дискусијата, Шекеринска одговараше на новинарските прашања.
На прашањето дали се во комуникација со министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, кој истакна дека не е време да се закаже датум за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, Шекеринска рече дека меѓу нив има теми околу кои не се согласуваат.
„Со колегата Каракачанов имаме теми околу кои не се согласуваме и најверојатно нема да се согласиме. Но има една тема околу која и двајцата сме платени и избрани да ги сработиме. А тоа е регионот во којшто живееме да биде стабилен и да биде безбеден“, нагласи министерката Шекеринска, додавајќи дека влогот за стабилноста и безбедноста мора да биде добрососедството, разговорите со аргументи, а не со емоции и со обид да се наметне решение.
На прашањето дали е оптимист за решавање на проблемите со Бугарија, Шекеринска, додаде:
„Мислам дека денеска ќе згрешиме ако зборуваме за оптимизам наспроти песимизам, што ќе се случува во регионот, што ќе се случува со Југоисточна Европа зависи од луѓето и политичарите во нашиот регион. Не зависи од некој којшто однадвор ќе ни ги донесе решенијата.“
Министерката за одбрана, исто така, потсети дека токму Бугарија е државата којашто ја вратила на дневен ред темата Западен Балкан и проширувањето на Европската Унија (ЕУ).