Nur Asena Ertürk
13 Март 2024•Ажурирај: 14 Март 2024
СТРАЗБУР (АА) - Финскиот премиер Петери Орпо денес повика на зајакнување на европската одбрана и безбедност, јавува Анадолу.
„Војната во Украина не е само конфликт на границите на Европа туку потсетување на кревкоста на нашиот мир“, изјави Орпо пред членовите на Европскиот парламент во Стразбур, Франција.
Орпо раскажа дека по студената војна Финска останала „посветена на одржувањето кредибилен и независен одбранбен капацитет“.
„Нашата одлука за влез во НАТО не беше одлука што лесно ја сфативме. Тоа беше јасен сигнал за нашата посветеност на европската безбедност“, нагласи финскиот премиер.
По децении неутралност, поттикната од војната меѓу Русија и Украина, Финска стана полноправна членка на НАТО. Границата на Русија со Финска, долга 1.340 километри, е најдолга со земја од НАТО. Границата е под засилен надзор повеќе од две години од почетокот на руската војна против Украина.
„Војната во Украина беше повик за будење за сите нас. Никогаш повеќе не смееме да бидеме толку зависни од другите за нашата енергија и безбедност. Мора да се грижиме за нашата одбрана“, изјави Орпо.
Тој ја нагласи потребата да се зајакне стратегиската конкурентност на Европа бидејќи континентот „заостанува во продуктивноста“, додека Соединетите Американски Држави (САД) и Кина „доживуваат побрз раст“.
Финскиот премиер, исто така, рече дека Европа треба да ја подобри својата „сеопфатна безбедност“.
„НАТО и ЕУ не се исклучуваат меѓусебно. Тие меѓусебно се дополнуваат“, рече Орпо и ја обвини Русија дека ја користи „миграцијата за да изврши притисок врз Финска и врз цела ЕУ“.
Според неговите зборови, „Русија ги турка граѓаните на трети земји кон финската граница“. Тој додаде дека бројката „сѐ уште е релативно мала, но оваа појава е загрижувачка“.
Тој ја нагласи важноста за усвојување правилен вид климатска политика, која ќе ги зајакне безбедносните резерви на Европа, економијата и ќе го подобри снабдувањето со европски суровини.
Исто така, тој ја истакна улогата на Европската инвестициска банка, наведувајќи дека таа треба повеќе да се ангажира во „финансирањето на безбедноста и одбраната“.
За улогата на НАТО тој рече:
„Повеќе Европа не значи и не треба да значи помалку Америка. САД се и ќе бидат нашиот најважен сојузник.“