Tuba Onğun
10 Април 2025•Ажурирај: 10 Април 2025
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја поздрави одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, да воведе 90-дневна пауза на царините, оценувајќи го потегот како значаен чекор кон стабилизирање на глобалната економија, јавува Анадолу.
Во писмената изјава дадена денес, Фон дер Лајен го нагласи значењето на јасните и предвидливи услови за непречено функционирање на глобалната трговија и синџирите на снабдување.
„Царините се даноци кои ги погодуваат и бизнисите и потрошувачите“, изјави таа, потенцирајќи дека одамна се залага за договор „нула-спрема-нула царини“ меѓу ЕУ и САД.
„Европската Унија останува посветена на конструктивни преговори со САД, со цел постигнување беспрекорна и заемно корисна трговија“, додаде таа.
Фон дер Лајен истакна дека Европа продолжува со напорите за проширување на трговските партнерства низ светот, вклучувајќи земји кои опфаќаат 87 отсто од глобалната трговија.
„Овие партнерства се во согласност со заложбата на ЕУ за слободна и отворена размена на стоки, услуги и идеи“, рече таа.
„Конечно, ја засилуваме нашата работа за укинување на бариерите на нашиот единствен пазар“, изјави Фон дер Лајен, нарекувајќи го единствениот пазар „сидро на стабилност и издржливост“ во време на глобална неизвесност.
Фон дер Лајен увери дека нејзиниот тим ќе продолжи со напорна работа за заштита на интересите на европските граѓани. „Заедно, Европејците ќе излезат посилни од оваа криза“, порача таа.
Одлуката на Трамп, објавена вчера, предвидува 90-дневна пауза за примената на нови царини за повеќето земји, со исклучок на Кина, за која царинската стапка беше зголемена на 125 отсто.