Meltem Bulur
09 Септември 2016•Ажурирај: 10 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, кој престојува во Анкара, изјави дека ЕУ се надева дека ќе биде пронајдено решение за прашањето за Кипар, а тоа за Турција и ЕУ би бил позитивен сигнал и иницијатива за отворање на 23. и 24. поглавје, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот за политичкиот дијалог меѓу Турција и ЕУ на високо ниво, Хан зборуваше на прес-конференцијата во Анкара. Во таа пригода истакна дека денес е одржан конструктивен состанок во пријателска атмосфера. Тој изрази поддршка кон турскиот народ по повод обидот за државен удар, и додаде дека ударот на 15 јули не бил само шок за турскиот народ, туку и за жителите на Европа.
„Ние ќе ја дадеме сета наша поддршка со цел да се надмине оваа состојба“, изјави Хан. Зборувајќи на денешниот состанок во Анкара, Хан потсети дека Турција сѐ уште има статус на земја-кандидат за членство во ЕУ.
„Ние не сме лица што меѓусебно не се критикуваат. И ние критикуваме кога е потребно, со цел да се задржи сѐ што е во рамките на заедничките правила. Истото важи и за земјите-кандидати. Секако, постои разлика меѓу земји-кандидати и оние што сѐ уште не се. Тоа некогаш може да се гледа како тешкотија, но тука не е само прашањето на критика. Тоа е прашање за земјите-кандидати во рамките на владеењето на правото, да ги ускладиме со европските стандарди“, изјави Хан, и додаде дека е потребно колку што е можно повеќе да се развие билатералната соработка. Тој нагласи дека турскиот министер за европски интеграции, Омер Челик, го изнел своето мислење во врска со отворањето на 23. и 24. поглавје.
„Ние исто така се надеваме дека ќе биде пронајдено решение за прашањето за Кипар. Тоа за Турција и ЕУ би бил позитивен сигнал и иницијатива за отворање на 23. и 24. поглавје. Ние на тој план веќе направивме подготовки и го сметаме за важен“, изјави Хан.
Тој истакна дека Турција по прашањето за сириските бегалци покажала извонредно гостопримство, и додаде: „Секој сака овој процес да се оствари колку што е можно побрзо, но и ние исто така по тоа прашање се движиме според регуларната процедура. Тоа не треба да се заборави. Зборувавме за цифра од 3 милијарди евра за 2016 и 2017 година, сега ветивме дополнителни 2,2 милијарди евра“.
Во врска со прашањето за безвизниот режим, Хан смета дека е потребно да се пронајде решение, и дека страните по тоа прашање треба да имаат повеќе разбирање една кон друга.
„Сметам дека во таа смисла сме на почетокот на процесот. Поради тоа е неопходно да се има повеќе почитување, а наш прв приоритет треба да биде да се подигне процесот на ниво на кое ќе биде поддржан и од страна на жителите на Турција и ЕУ“, заклучи Хан.