Husamedin Gina
02 Октомври 2019•Ажурирај: 03 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) – Министерката за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска учествуваа на конференцијата „Критична инфраструктура – Концепт и безбедносни предизвици“, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање на конференцијата, министерката за одбрана Шекеринска, истакна дека во новиот Закон за одбрана, што се очекува денес да биде потврден од страна на Владата и да влезе во собраниска процедура, за прв пат се вметнува и концептот за критична инфраструктура.
Шекеринска, истакнувајќи дека заштитата и безбедноста на критичната инфраструктура е највисок национален приоритет, рече:
„Денешното современо општество се потпира и зависи директно од ефикасно функционирање на критичните национални инфраструктури. Кога нападите веќе не се случуваат со конвенционално оружје туку по софистициран информатички сајбер пат, заштитата и безбедноста на критичната инфраструктура е највисок национален приоритет.“

Таа, исто така, додаде дека и кај најголемите членки на Алијансата едно од најважните прашања што ги таргетираат се заштитата на критичните инфраструктури и затоа се создадени и нови институции кои ќе се посветат на критичната инфраструктура.
Таа како пример посочи дека во САД и инфраструктурата за избори во државата се смета за критична инфраструктура и дека таа може да биде таргетирана од други земји и да ја загрози безбедноста на државата.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, истакна дека поимот за критична инфраструктура треба тесно да биде поврзан пред сè со безбедноста како еден нејзин дел од делокругот на работа.
„Заштитата на критичната инфраструктура во модерните демократии и општества преставува еден од основните стратешки предизвици на институциите на системот“, нагласи Спасовски, потсетувајќи дека под критична инфраструктура се подразбира сето она што е од витално значење за функционирањето и опстанокот на една заедница или на едно општество.
На денешната конференција „Критична инфраструктура – Концепт и безбедносни предизвици“ професори и експерти од различни универзитети во светот се осврнаа на нивните искуства во однос на прашањата за заштита на критичната инфраструктура.