Ivana Ramadanova
19 Октомври 2016•Ажурирај: 20 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - „Членството во НАТО-алијансата и во Европската Унија останува наш стратешки приоритет. Имајќи ги предвид геополитичките промени во глобални рамки, интегративните процеси во евроатлантските структури позитивно влијаат на мирот, соработката, безбедноста и на економскиот и демократскиот развој на државите“, истакнал министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски во своето денешно обраќање на „Future Forces Forum 2016“, кој се одржува во чешкиот град Прага, соопштија од Министерството за одбрана на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението, министерот Јолевски посочил дека реформските процеси во одбраната и во другите области продолжуваат бидејќи тие првенствено се добри за Република Македонија, за нејзините граѓани, а потоа и за процесот на евроатлантска интеграција. „Во тој контекст“, се вели во соопштението, „министерот се заблагодари за отворената и принципиелна поддршка за членство во НАТО, од страна на домаќинот, Република Чешка“.
„Динамичниот развој на меѓународната безбедносна сцена бара континуирано следење и приспособување кон безбедносните закани и ризици. Република Македонија припаѓа на евроатлантскиот регион и нејзината безбедност е неделива од безбедноста на регионот и пошироко“, посочил министерот Јолевски.
Тој истакнал дека светот се соочува со повеќе предизвици, ризици и закани, меѓу кои ги спомена тероризмот, меѓународниот организиран криминал, хибридната војна, илегалната миграција и други.
Во контекст на миграцијата, министерот посочил дека поради својата географска положба, Македонија минатата година се најде во комплицирана ситуација со секојдневниот наплив на мигранти.
„Актуелната мигрантска криза претставува феномен незабележан во поновата историја, феномен што ги надминува националните граници и бара глобален и регионален координиран ангажман“, изјавил министерот Јолевски на форумот.
Воедно, на маргините на форумот, министерот оствари и неколку билатерални средби, меѓу кои и со началникот на Генералштабот на чешките вооружени сили, генералот Јосеф Бечвар, како и со генералот Петр Павел, претседавач на Воениот комитет на НАТО.
На средбата со генералот Бечвар, министерот Јолевски изразил задоволство од нивото на соработка меѓу двете армии.
„Ние соработуваме за повеќе прашања од областа на одбраната, особено за справувањето со мигрантската криза, размена на информации за актуелната безбедносна состојба, како и во областа на военото образование“, изјави министерот и додаде дека таа соработка ќе продолжи и ќе се интензивира во иднина.
Министерот Јолевски на Форумот е придружуван од страна на генералот Васко Ѓурчиновски, командант на Здружената оперативна команда на АРМ.