Sinan Polat
31 Јануари 2016•Ажурирај: 31 Јануари 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Шефот на преговарачкиот тим на сириската влада и амбасадор на таа земја во Обединетите нации (ОН), Башар ал-Џафери, изјави дека нема да прифати никакви предуслови за мировните преговори во Женева, но дека ќе ги разгледа барањата кои се однесуваат на хуманитарните прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Женева во петокот започнаа мировни преговори со цел сопирање на војната и изнаоѓање на политичко решение за сириската криза. Пратеникот на ОН за Сирија во петокот се состана со сириската делегација која ја предводеше Џафери, а денес трае состанокот на Мистури со претставниците на сириската опозиција.
Џафери денес им се обрати на новинарите во женевскиот хотел "Crowne Plaza" и нагласи дека сириската влада и понатаму е упорна во барањето преговорите да продолжат индиректно, со одвоени средби со преговарачите-медијатори на ОН.
Истакна дека причина за тоа е фактот што не знаат кој ќе седи од другата страна на преговарачката маса, ниту пак кои се групите кои го сочинуваат опозицискиот преговарачки тим.
На прашањето на новинарите дали делегацијата на сириската влада ќе ги тразгледа барањата на опозицијата за отворање на хуманитарен коридор до градовите под опсада, воспоставувањето примирје и ослободување на затворениците, Џафери рече дека тоа е една од главните теми на дневниот ред на неговата преговарачка делегација.
Тој нагласи дека делегацијата на сириската влада и понатаму е на ставот дека нема да прифати никакви предуслови за преговорите.