Kübra Chohan
05 Ноември 2017•Ажурирај: 06 Ноември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Портпаролот на турското Претседателоство денес истакна дека Москва го одложила конгресот за сириски национален дијалог за друг датум, додавајќи дека Турција нема да присуствува, но може да испрати набљудувач, јавува Anadolu Agency (AA).
Ибрахим Калин, портпаролот на турското Претседателство, изјави дека Турција одлучувала дали да ја прифати или одбие поканата за присуство на конгресот - првично закажан за 18 ноември - кога дојде веста дека тој е одложен.
„Дознавме дека конгресот е најавен како свршен чин. Ние веднаш се спротивставивме“, изјави тој за каналот NTV. „Потоа Кремљ контактираше со нас и соопшти дека го одложиле овој состанок“.
„Москва ги покани сите сириски опозициски сили да присуствуваат на планираниот конгрес во градот Сочи“, изјави во петокот рускиот министер за надворешни работи.
Портпаролот на турското претседателство Калин истакна дека Турција нема да присуствува на состанокот, но можно е да испрати набљудувач.
„Сѐ уште не е сигурно. Но, од она што ни го соопшти Русија е дека средбата сега е одложена, и дека ПЈД нема да бидат поканети“, додаде тој.
ПЈД/ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации во Турција и во САД.
За време на последната рунда мировни преговори за Сирија во казахстанскиот главен град Астана кон крајот на минатиот месец, трите земји-гаранти, Русија, Турција и Иран се согласија да разговараат околу предлозите за одржување на национална конференција за дијалог.
Сепак, Сирискиот опозициски комитет за преговори и Сириската коалиција на револуционерните и опозициски сили ги одбија поканите да присуствуваат на собирот.
Во Сирија владее граѓанска војна од 2011 година, кога Асадовиот режим ги прекина продемократските протести со неочекувана свирепост.
Оттогаш, според податоците на ОН, стотици илјади луѓе се убиени во судирите во таа земја.