Emirhan Demir
27 Октомври 2025•Ажурирај: 28 Октомври 2025
АНКАРА (АА) - Авганистанскиот печат објави дека делегациите што се наоѓаат во Истанбул, каде што работат околу деталите за прекинот на огнот прогласен по граничните судири со Пакистан, постигнале договор за голем број прашања и дека преговорите ќе продолжат и за други прашања, известува Анадолу.
„Толо њуз“, со седиште во Кабул, на платформата на социјалните медиуми на американската компанија X објави дека извори запознаени со ова прашање дале информации во врска со состанокот на техничкиот комитет одржан во Истанбул, кој работи на деталите околу прекинот на огнот постигнат меѓу Авганистан и Пакистан по граничните судири.
Неименувани извори соопштиле дека авганистанската и пакистанската делегација постигнале договор за голем број прашања на состанокот во Истанбул, а се очекува до крајот на денот да бидат финализирани и други прашања.
Се забележува дека преговорите би можеле да продолжат и во текот на ноќта и се нагласува дека страните ќе дадат заедничка изјава на крајот од разговорите.
Изворите информираа дека заедничката изјава ќе се однесува на прашања, како што се продолжување на прекинот на огнот, повторно отворање на патиштата меѓу двете земји, ослободување на затвореници и закажување на следниот состанок.
- Тензии меѓу Пакистан и Авганистан
Четириесет и осумчасовното примирје, објавено на 15 октомври по граничните судири меѓу Пакистан и Авганистан, беше продолжено до завршувањето на преговорите одржани во Доха, главниот град на Катар, со поддршка од Турција и Катар.
Ибрахим Калин, директор на Националната агенција за разузнавање (МИТ) на Турција, исто така, присуствуваше на разговорите во Доха по налог на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Главна агенда на разговорите беше „продолжување на актуелното примирје и решавање на неодамнешните гранични судири“ и страните постигнаа договор.
По 14 часа преговори во Доха, првиот состанок на техничкиот комитет околу деталите на примирјето беше закажан да се одржи во Истанбул.
Според пакистанските медиуми, делегации од Пакистан и Авганистан за оваа цел на 25 октомври пристигнаа во Истанбул на состанок.