Servet Günerigök
04 Јуни 2021•Ажурирај: 07 Јуни 2021
ВАШИНГТОН
Вооружените евтини беспилотни летала произведени во Турција ги преобликуваат борбените полиња и геополитиката, објави вчера „Волстрит џурнал“ (The Wall Street Journal), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во написот се вели дека помалите воени сили во светот распоредуваат евтини беспилотни летала опремени со ракети против оклопните непријатели, нарекувајќи ја успешна борбената тактика.
Турските беспилотни летала се направени со дигитална технологија со прифатлива цена, за која се вели дека уништува тенкови и други оклопни возила, како и системи за противвоздушна одбрана во војните во Сирија, Либија и Азербејџан.
„Овие беспилотни летала укажуваат на тоа дека идното војување се оформува подеднакво како од евтините, но ефикасни воени возила, така и од скапите со најнапредна технологија“, се вели во написот.
Минатиот јули за време на онлајн Конференцијата за воздухопловна и вселенска моќ, британскиот министер за одбрана, Бен Валас, ја истакна улогата на турските беспилотни летала во „менувачката игра“ во модерното војување во подрачјата на Блискиот Исток и Северна Африка.
„Треба да ги гледаме лекциите од другите. Погледнете како Турција оперира во Либија, каде што ги користи беспилотните летала „Бајрактар TБ2“ од средината на 2019 година“, рече тогаш Валас.
„Бајрактар ТБ2“ е тактички вооружен/беспилотен систем развиен и произведен од производителот на беспилотни летала „Бајкар“.
Според компанијата, моментално, 160 платформи на „Бајрактар“ се во служба на Турција, Катар, Украина и Азербејџан. Полска минатиот месец соопшти дека ќе купи 24 беспилотни летала ТБ2.
„Волстрит џурнал“ во написот прави компарација на „Бајрактар ТБ2“ со американското МКУ-9. MQ-9. ТБ2 е лесно вооружено со четири ласерски наведувани ракети, а неговиот радиоконтролиран систем го ограничува неговиот основен опсег на околу 200 милји, приближно една петтина од површината што може да ја покрие MКУ-9.
„Но и покрај тоа, тоа е практично и сигурно - квалитети кои потсетуваат на советската пушка „Калашников АК-47“, што го промени начинот на војување во 20 век.
„Сет од шест беспилотни летала „Бајрактар-TБ2“, копнени единици и друга опрема за основни операции чини десетици милиони долари, наместо стотици милиони за MКУ-9“, се вели во написот на весникот.
„Бајрактар ТБ2“ стана меѓународно познат првин во сириската војна на почетокот на минатата година кога турската војска ја започна операцијата „Пролетен штит“ во северна Сирија, поддржана од системи за електронско војување, копнени трупи, артилерија и воени авиони.
Во написот се нагласува и улогата на беспилотните летала во либиската граѓанска војна, за што се вели дека „помогнале во менување на ситуацијата“ во војната минатата пролет. Турција ја поддржа Владата со седиште во Триполи против одметнатиот командант Калифа Хафтар и неговите сили.
„Унапредената тактика на беспилотните летала е усовршена во Сирија, со што се обезбеди предност против ракетните системи земја-воздух од руско производство познати како „Панцир“, а потоа [во Либија] ѝ се додели воздухопловната надмоќ на Владата во Триполи. До јуни, силите на Хафтар се повлекоа од Триполи“, се вели во написот.