Zehra Nur Düz
01 Октомври 2020•Ажурирај: 01 Октомври 2020
АНКАРА
- Зехра НУР ДУЗ
Приклештена меѓу акциите на безбедносните сили и недостигот на лидерство, египетската јавност, по повиците на активистите и опозицијата, од 20 септември навака се наоѓа на улиците низ целата земја, барајќи оставка од претседателот Абдулфетах ал Сиси, пишува Агенција Анадолија (АА).
Иако има контрадикторни извештаи за обемот и ширењето на протестите, политичките аналитичари се согласуваат дека протестите се значителен предизвик за политичкиот режим.
Државните медиуми ги опишаа протестите како „многу ограничени“, додека поддржувачите на опозицијата велат дека протестите се масовни и ја кршат бариерата на стравот.
Арапската фондација за поддршка на граѓанското општество (AFSS) - хуманитарна организација што ги набљудува протестите - документира 164 протести во 14 од вкупно 27 области - мухафази, во периодот од 20 до 27 септември, во кои се уапсени стотици, вклучително и деца.
Фондацијата наведува дека причина за избувнувањето на протестите е отсуството на учество во донесувањето одлуки.
Во извештајот објавен од Фондацијата понатаму се вели дека другите причини за гневот на населението се продолжување на национализацијата на партиите, синдикатите и граѓанското општество, ограничената политичка слобода, доминацијата на државните агенции над Парламентот и континуираното затворање на илјадници „затвореници на совеста“, и поради влошувањето на животниот стандард.
Во разговорот за Агенција Анадолија, Саиф ал Ислам Еид, египетски аналитичар од Доха, рече дека режимот на Сиси ја разорува вистинската опозиција.
„Не е само Муслиманското братство отсутно како активен актер во јавната сфера, туку и сите секуларистички движења и партии“, рече тој.
Посочува дека вистинскиот предизвик за моменталниот отпор е што египетските лидери на опозицијата кои живеат во странство, и исламски ориентираните и секуларно ориентираните не успеале да се договорат за заедничките главни принципи за дејствување со цел да ја постигнат целта за уривање на режимот.
- Опозицијата не учи од грешките
„Опозицијата не успеа да учи од нејзините неуспеси“, рече Еид, додавајќи дека не гледа никаква надеж сѐ додека лидерите, кои не се сменети повеќе од седум години, продолжуваат да работат со истата методологија.
„Бруталната репресија врз демонстрантите е една од причините што ги попречува да постигнат вистинска промена“, рече Еид.
Египетските безбедносни сили започнаа претреси и апсења, коишто вклучуваа и проверка на телефони на случајните минувачите, барајќи фотографии од протестите.
„Безбедносните сили приведоа стотици демонстранти, меѓу кои и 68 деца кои подоцна беа ослободени, додека најмалку 150 демонстранти се под истрага од Обвинителството на државната безбедност под обвинение за тероризам на 21 септември“, се вели во извештајот на Фондацијата.
Според египетските активисти и медиумите, полицијата уби три лица за време на антирежимските протести во Ал Џиза.
„И покрај мирните демонстрации, Министерството за внатрешни работи уби три лица во Ал Џиза“, напиша на Твитер египетскиот бизнисмен и дисидент Мухамед Али, кој живее во Шпанија.
Властите сè уште се немаат произнесено во врска со убиствата и апсењата.
„За сегашната ситуација, сè што очекувам е создавање на колективен активизам за постигнување на нивните цели“, рече египетскиот аналитичар.
Во септември минатата година, Мухамед Али повика на масовни демонстрации против режимот, по што илјадници демонстранти излегоа на улиците во неколку големи градови на Египет барајќи оставка од Владата на Сиси. Тој сега повторно повика на протести против режимот.
Сиси дојде на власт во Египет во јули 2013 година откако со воен удар го собори првиот демократски избран претседател на земјата, Мухамад Морси.