Sayed Khodaiberdi Sadat
01 Октомври 2020•Ажурирај: 02 Октомври 2020
КАБУЛ (АА) - Најмалку девет лица се убиени во бомбашки напад кој е извршен со автомобил бомба врз воена станица во јужната авганистанска област Хелманд, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Кабинетот на гувернерот на Хелманд, Омер Зувак, изјави дека бомбашот самоубиец со автомобил удрил во објект на воена станица во подрачјето Вазир.
Тој изјави дека во нападот се убиени петмина припадници на авганистанските безбедносни сили и четворица цивили, а рането е и едно дете.
Досега никој не презеде одговорност за нападот.
Нападите во Авганистан не престануваат дури ни по почетокот на мировните преговори кои делегациите на талибанските бунтовници и авганистанската Влада ги започнаа кон средината на месецот во Доха.
Главна цел на преговорите на двете страни е ставање крај на речиси дводецениските оружени судири во земјата.
Авганистан е средиште на длабока повеќедецениска политичка и безбедносна криза, која се рефлектира во борбата за превласт меѓу талибанското движење и владините сили. Постојана закана за безбедноста претставува и терористичката организација ДЕАШ, која по поразите во Ирак и Сирија значително ги интензивира своите активности на авганистанско тло.