Ayhan Şimşek
12 Септември 2019•Ажурирај: 13 Септември 2019
БЕРЛИН (АА) - Германија денеска повторно ја потврди својата посветеност кон Договорот за бегалци меѓу ЕУ и Турција, поради стравувањата за друг бегалски бран како последица на нападите на сирискиот режим во северозападниот регион на Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на прес-конференцијата во Берлин, германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, изрази загриженост во врска со неодамнешните случувања и зголемениот број премини во Егејското Море во текот на изминатите месеци.
„Оваа недела дискутирав телефонски за овие прашања со мојот турски колега Мевлут Чавушоглу. Уште еднаш нагласив дека ЕУ ќе ги исполни своите обврски кон Договорот за бегалци меѓу Турција и ЕУ“, изјави Мас, додавајќи дека очекува Турција, исто така да продолжи да ги исполнува своите обврски.
„Ова беше многу конструктивен дијалог. Затоа верувам дека оваа ситуација ќе се смири постепено и повторно ќе се нормализира“, додаде тој.
Според Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), речиси 8.100 бегалци и мигранти пристигнаа на грчките острови.
Во екот на врвот на бегалската криза во 2015 година, повеќе од 856.000 луѓе, претежно сириски и ирачки бегалци, го преминаа Егејското Море.
Минатата недела турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди за нов потенцијален прилив на бегалци од Идлиб, Сирија, и ја повика ЕУ да преземе мерки за споделување на товарот.
Тој нагласи дека Турција може да ги отвори вратите за бегалците да преминат во Европа, доколку ЕУ не го сподели товарот.
Во 2016 година германската канцеларка Ангела Меркел го застапуваше Договорот за бегалци ЕУ-Турција, со надеж дека ќе го запре приливот на бегалци, откако во Германија пристигнаа речиси еден милион бегалци.
Договорот беше успешен со значително намалување на бројот на премини во Егејското Море и спречување загуба на многу животи.
Но Анкара ги критикуваше своите европски партнери поради нецелосно имплементирање на Договорот од 2016 година.
ЕУ вети помош од 6 милијарди евра (6,6 милијарди долари) за подобрување на условите за живот на сириските бегалци во Турција. Но, само 2,22 милијарди евра беа исплатени до јуни 2019 година.
Во моментов Турција е домаќин на околу 3,6 милиони сириски бегалци, повеќе од која било друга земја во светот. Анкара досега, според официјалните бројки, има потрошено 40 милијарди долари за бегалците.