Ekipa
26 Мај 2016•Ажурирај: 27 Мај 2016
СЕУЛ (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Бан Ки-мун, престојува во посета на Јужна Кореја и притоа порача дека Кореја мора да се врати на патот на дијалогот, како единствен начин на зачувување на мирот и стабилноста во тој регион, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на учеството на форумот кој е организиран на јужнокорејскиот остров Јеј, шефот на ОН, Бан, изјави дека неодамнешните тестирања на проектили од страна на Северна Кореја претставуваат „загрижувачки активности”, и понуди секаков вид на помош во јакнењето на неуспешниот процес за примирје на Корејскиот Полуостров.
„Добрите односни помеѓу двете Кореи се неопходни за зачувување на мирот, не само на Корејскиот Полуостров, туку и во целиот регион”, изјави Бан.
Властите на Јужна Кореја во изминатите неколку недели одбија низа понуди за воспоставување на дијалог со властите на Северна Кореја, па дури и по конгресот на владеачката севернокорејска партија на која официјален Пјонгјанг најави голем пресврт во политиката и односите со јужниот сосед.
Официјален Сеул, како предуслов за дијалог со Северна Кореја, од Пјонгјанг побара да покаже конретна определеност за дипломатија и денуклеаризација.
Од почетокот на оваа година, Северна Кореја во низа наврати изврши провокативни тестирања на далекусежни проектили со носачи на нуклеарни бомби, кое во март резултираше со заострување на санкциите на ОН кон таа премногу изолирана земја.
Поранешниот шеф на јужнокорејската дипломатија и генерален секретар на ОН во заминување, Бан Ки-мун, според наодите на медиумите во Сеул, треба да биде кандидат на претседателските избори во Јужна Кореја кои ќе се одржат следната година.
На прашањето на новинарот да ја искоментира можноста за кандидирање за претседател на својата татковина, Бан не ги негираше тие наоди и рече дека одлуката за иднината на својата политичка кариера ќе ја донесе кон крајот на годината, кога му истекува вториот мандат на функцијата генерален секретар на ОН.