ТЕХЕРАН (АА) - Иран денес вети дека ќе возврати на секое ограничување наметнато врз Техеран по одлуката на Европскиот парламент за забрана на влез на ирански дипломати во услови на тековните протести во земјата, јавува Анадолу.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во објавата на американската платформа за социјални медиуми Х изјави дека Техеран не бара непријателство со Европската Унија, но дека „ќе возврати на секое ограничување“.
Неговата реакција следува откако претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, вчера соопшти дека на иранските дипломати ќе им биде забранет влез во зградите на Европскиот парламент во Брисел и Стразбур, како и во секретаријатот во Луксембург, поради, како што наведе, „задушување“ на протестите во Иран.
„Оние што излегуваат на улиците, оние политички затвореници што сè уште се задржани, имаат повеќе потреба од само солидарност“, напиша Мецола во писмо до пратениците во Европскиот парламент.
„Донесов одлука да им забранам влез во сите простории на Европскиот парламент на сите дипломати, персонал на дипломатски мисии, владини функционери и претставници на Исламската Република Иран“, додаде таа.
Арагчи оцени дека Европскиот парламент одбива да преземе каква било акција против Израел и покрај, како што рече, повеќе од две години војна во Газа, во која животот го загубиja над 70.000 Палестинци.
Тој додаде дека блокот му дозволил на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е баран од Меѓународниот кривичен суд (МКС) по обвиненија за воени злосторства, да прелетува над европскиот воздушен простор.
„За разлика од тоа, потребни се само неколку дена насилни немири во Иран за Европскиот парламент да им забрани физички пристап на нашите дипломати“, напиша Арагчи, додавајќи дека луѓето „не се глупави“ и дека „гледаат што се случува со свои очи“.
Арагчи, исто така, ја критикуваше германската Влада, велејќи дека е „во најлоша позиција“ да се справи со прашањата за човековите права и дека нејзините „очигледни двојни стандарди во текот на изминатите години ја уништиле секоја трага од кредибилитет“.
„Кога Иран ги поразува терористите што убиваат цивили и полицајци, германскиот канцелар брза да изјави дека ‘насилството е израз на слабост’. Тогаш, што има да каже г. (Фридрих) Мерц за неговата целосна поддршка на масовното убиство на 70.000 Палестинци во Газа“, напиша Арагчи на Х.
За време на посетата на Индија денес Мерц изјави дека иранската Влада е „сведок на своите последни денови и недели“, додавајќи дека Германија се координира со САД и европските земји во врска со случувањата во Иран.
Како одговор на тоа, Арагчи потсети дека Иранците се сеќаваат на, како што рече, „одвратното славење“ на Израел од страна на Мерц, кога минатиот јуни Израел бомбардирал домови и деловни објекти во Иран, а германскиот канцелар изјавил дека Израел ја врши „валканата работа“ за Европа.
„Ова е ништо за тоа како Германија молчеше на неодамнешното киднапирање на шефот на држава од страна на САД“, напиша Арагчи, алудирајќи на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
„Предавањата на мојот германски колега за ‘човекови права’ и ‘легитимитет’ се подеднакво бесмислени.“
„Направете ни услуга на сите: имајте барем малку срам. Уште подобро, Германија треба да престане со своето незаконско мешање во нашиот регион – вклучително и поддршката за геноцид и тероризам“, додаде тој.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул беше меѓу европските официјални лица што го осудија, како што рече, „прекумерното користење сила“ за време на протестите во Иран.
Протестите избија минатиот месец поради влошената економска состојба и рекордната девалвација на националната валута ријал.
Иранските владини претставници ги обвинија САД и Израел за поддршка на она што го опишуваат како „немири“ и „тероризам“.
Нема официјални бројки за жртвите, но Новинската агенција за човекови права (ХРАНА), група за човекови права со седиште во САД, проценува дека бројот на жртви достигнал најмалку 646, вклучително и припадници на безбедносните сили и демонстранти, а над 1.000 се повредени.
ХРАНА, исто така, објави дека најмалку 10.721 лице се приведени на протестите на 585 локации низ целата земја, вклучително 186 града во сите 31 провинција.