Ekip,Ayhan Şimşek
13 Јануари 2026•Ажурирај: 13 Јануари 2026
БЕРЛИН (АА) – Стотици млади лица во Германија се радикализираат преку крајно десничарски онлајн мрежи што ги величаат терористички напади и промовираат насилство, покажува студијата објавена денес, јавува Анадолу.
Студијата, спроведена од јавните обвинителства во Штутгарт и Минхен, заедно со Криминалистичката полиција на сојузната покраина Баден-Виртемберг, укажува на пораст на бројот на млади поврзани во т.н. сцена „Теророграм“ преку сервиси за размена на пораки како Телеграм.
Во овие онлајн групи се споделуваат фантазии за напади, пропагандни содржини и повици на насилство.
„Станува збор за младинска, неофашистичка и крајно десничарска екстремистичка сцена ориентирана кон насилство“, наведуваат властите во сеопфатниот извештај, изготвен по анализа на десетици случаи низ целата земја. Според нив, овие крајно десничарски онлајн мрежи, составени од чет-групи и канали за размена на пораки, последниве години бележат забрзано ширење.
Студијата покажува дека просечна возраст на поддржувачите е над 16 години, а меѓу нив има и деца помлади од 14 години, возрасна група што сè уште нема изграден стабилен систем на вредности и затоа е особено подложна на екстремистичка пропаганда. Станува збор за исклучително машка и млада популација, а експертите предупредуваат дека се радикализира брзо и покажува „екстремна подготвеност за извршување насилство и терористички дела“.
Според извештајот, мнозинството од радикализираните млади се соочуваат со занемарување од страна на семејствата и социјална изолација. Кај дел од нив е утврдена и медицинска дијагноза за ментални нарушувања, а кај други се забележани јасни знаци на психолошки проблеми. Овие фактори, наведуваат експертите, ги прават семејствата и системите за социјална поддршка клучни за рано препознавање и спречување на натамошна радикализација.